Многумина сметаат дека апсењето е политички поттикнат обид да се отстрани популарната опозициска фигура и клучниот предизвикувач на Ердоган од следната претседателска трка, која е закажана за 2028 година. Лидерот на главната турска опозициска партија го обнови повикот до поддржувачите да излезат на улиците на мирни демонстрации против апсењето на градоначалникот на Истанбул и главен политички ривал на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, пренесува Јуроњуз. Екрем Имамоглу беше уапсен во рација во неговата резиденција во средата поради наводна корупција и поврзаност со тероризам. Неколку други истакнати личности, вклучително и двајца градоначалници на области, исто така беа приведени. Многумина сметаат дека апсењето е политички поттикнат обид да се отстрани популарната опозициска фигура и клучниот предизвикувач на Ердоган од следната претседателска трка, која е закажана за 2028 година. Владините претставници ги отфрлаат обвинувањата дека правните дејствија против опозициските фигури се политички мотивирани и инсистираат турските судови да работат независно.
Ердоган рече дека владата нема да толерира улични протести и ја обвини опозициската партија дека е поврзана со корупција, маргинални групи и терористички организации. „Гледаме дека антикорупциската операција во Истанбул се користи како изговор за раздвижување на немири на нашите улици. Сакам да се знае дека нема да дозволиме грст опортунисти да внесат немири во Турција само за да ги заштитат своите шеми за грабеж“, рече Ердоган. Од апсењето на Имамоглу, илјадници луѓе се собраа пред градското собрание на Истанбул на ноќни собири. Судири меѓу демонстрантите и полицијата избија во Истанбул, главниот град Анкара и третиот по големина град, Измир. Најжестоката епизода се случи на Блискоисточниот технички универзитет во Анкара доцна во четвртокот, кога полицијата употреби солзавец и водени топови за да ја разбие толпата демонстранти. Студентите кои протестираа тврдеа дека полицијата употребила гумени куршуми, но владата негираше. Министерството за внатрешни работи на Турција соопшти дека по протестите се приведени повеќе од 50 лица, а повредени се 16 полицајци. Вчера, властите во Анкара и Измир објавија петдневна забрана за демонстрации, по сличната забрана наметната претходно од канцеларијата на гувернерот на Истанбул. Извор: Новинска агенција МЕТА