Професијата е дел од целокупниот идентитет на една личност и се смета дека одредени занимања можат да влијаат кај лицето да се зголеми аналитичноста, алтруизмот, оптимизмот, не само во канцеларијата, туку и во приватниот живот. Дури и самата професија, влијае какви погледи на нештата ќе има личноста. Во голема мера, работата го обликува и карактерот на човекот. Некои професии овозможуваат поединците да стигнат до награди и признанија, што овозможува чувство на исполнетост и успех. Одредени работни места нудат можности вработените да ја покажат својата креативност и да понудат нови идеи.
„Секако дека професијата е дел од идентитетот на човекот. Во рамките на структурата на личноста има повеќе аспекти, еден е професијата. Има луѓе коишто премногу се идентификуваат со професијата и тоа може да создаде проблеми. Од друга страна, тоа дава шанса за развој на личноста, тимска работа, да се развие трпение, има луѓе кои претходно имале проблем јавно да говорат, но потоа тоа го надминале. Во голем степен професијата влијае врз чувството како луѓето се перцепираат и доживуваат себеси. Тоа може да влијае во позитивна и негативна насока, што работиме, како тоа го работиме, дали и колку сме успешни“, вели Радмила Манчевска, психолог и гешталт психотерапевт.
Инаку, граѓаните велат дека преку професијата изградиле меки вештини, но и стекнале „животно школо“.
„Се сложувам дека професијата е дел од идентитетот. Кога треба да се направи одлука, во кое средно или накој факултет треба да се запише лицето, тоа избира соодветна установа. Човекот се развива, психологијата негова, карактерот, едноставно расте. Јас избрав професија според мојот карактер, направив добар избор и тука се надополнувам приватно и професионално. По професија сум банкар, сакам да работам со документи, педантна сум и се чувствувам убаво со тоа што го работам“, објаснува младата Маријана.
Друга жена која долги години работела како економист има слично мислење.
„Делумно професијата е дел од идентитетот, а целосно не, затоа што има многу особини кои го дефинираат карактерот, а учењето и искуството секако дека придонесуваат за развој на личноста“, додава повозрасната Светлана. И друга жена која работела во државно, вели дека преку професијата стекнала многу вештини.
„Низ работа се учат многу работи, јас имам работено во суд“, рече Станојка.
Работната средина влијае на начинот на размислување и навиките, и на тоа како го дожиуваме светот и себеси. Обично едно од првите прашања кога запознаваме некого е со што се занимава, со што добиваме одредена слика за соговорникот и неговите афинитети.
Сања Атанасовска
foto freepik.com