Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари проштална средба со Шеик Јасим Бин Хамад Ал-Тани, вршител на должност во Амбасадата на Државата Катар. На средбата присуствуваше пратеникот Салим Сулејмани, претседател на Пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив. Претседателот Гаши изрази искрена благодарност за исклучителната соработка и значајниот придонес на Шеикот Ал-Тани во продлабочувањето и зајакнувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар за време на неговиот мандат.
Гаши ја нагласи значајната улога на парламентарната дипломатија во развојот на севкупните билатерални односи и потребата за интензивирање на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар. Вршителот на должност Ал-Тани ја истакна позитивната улога на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот и ја нагласи поддршката од Државата Катар за европската интеграција на нашата земја. На средбата беше изразена заемна подготвеност за понатамошно интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете пријателски земји и за продлабочување на дијалогот на сите нивоа, а особено за унапредување на економските и трговските односи. Претседателот на Собранието му посака на Шеикот Ал-Тани успех во идните професионални ангажмани и изрази надеж дека добрите односи меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат во наредниот период.