Вознемирувачки фотографии од повреден и крвав штрк вчера на социјалните мрежи објави Ленче Алексовска од Гевгелија. Како што појаснува, птицата била во тешка состојба, откако деца, малолетници на велосипеди, намерно го повредиле. Имал скршено крило, отворена рана и крварење. Настанот, тврди Алексовска, бил снимен на камери. Настанот наиде на остра осуда од јавноста, но и барање на одговорност, не само од малолетните сторители на изживувањето, туку и од нивните родители. Од здружението за заштита на животните Анима Мунди јавно се огласија и побараа детална истрага и одговорност. Исто така, укажуваат и до институциите, дека е потребна психолошка проценка и работа со децата кои учествувале во суровиот чин. -Насилството врз животни не е развојна фаза, туку повик за итна институционална и општествена реакција: свирепо мачење на штрк во Гевгелија. Со длабока вознемиреност ја информираме јавноста дека штотуку сме запознаени со случај на страшно малтретирање и повредување на штрк од страна на група деца.
Според сведочења на очевидци, кои велат дека постојат и видео-снимки од безбедносни камери, се потврдува дека се работи за свесен и суров чин на насилство врз диво и кревко младо животно, што завршило со сериозни повреди. Овој настан не смее да помине незабележано, ниту неказнето. Насилството врз животните мора јасно да се препознае и третира како психопатологија и сериозна социјална девијација, велат од Анима Мунди. Додаваат дека децата кои извршиле ваков чин се жртви на општествената незаинтересираност и игноранција, но и потенцијален ризик за себеси и околината доколку не бидат веднаш опфатени со психолошка и воспитна интервенција.
-Анима Мунди со години укажува дека хуманоста, сочувството и грижата кон животните и природата мора да се негуваат од најрана возраст – во образовните институции, во медиумите, но најмногу дома. Само преку едукација, системска промоција на етички вредности и одговорно родителство, можеме да изградиме општество во кое вакви акти на суровост ќе станат незамисливи. Бараме итна реакција од надлежните институции! Детална истрага и одговорност од родителите и/или старателите; Психолошка проценка и работа со децата кои учествувале во чинот; Активирање на сите законските механизми за заштита на животните; Јавна осуда на настанот од образовните институции и локалната самоуправа. Нема оправдување за насилство, ниту пак изговор за молк. Секоја форма на насилство мора да се превенира, осуди и санкционира. Затоа што оној кој денес малтретира животно – утре ќе повреди човек, порачаа од здружението.
За детални информации во каква состојба е тешко повредениот штрк сега, и дали случајот е пријавен во надлежните институции, ,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со Алексовска, која и стана позната на јавноста по својата грижа за штркот Мишко, кому му помогнала да презими, а потоа тој постојано се враќал кај неа. До објавата на текстот, не добивме повратен одговор од неа, но според нејзините објави, не станува збор за Мишко, туку за друг штрк за кој се грижела. Од СВР Струмица пак, за „Фокус” пак, изјавија дека откако ќе стапат во контакт со своите колеги од полициската станица во Гевгелија, ќе излезат со детали.