На тв каналот „Русија 1“ во неделата беше прикажан пропагандниот филм „Русија. Кремљ. Путин. 25 години“ на Павел Зарубин. Овој 90-минутен филм претставува серија разговори со претседателот Владимир Путин во Кремљ, снимени во пролетта 2025 година. Разговорите наизменично се менуваат со сцени од животот на Русија, кои, според авторот на филмот, ги докажуваат успесите на земјата за време на 25-годишното владеење на Путин. Медуза, независен портал кој се занимава со вести, анализи, истражувачко новинарство и известување за Русија, ги пренесува најважните изјави на претседателот на Руската Федерација од овој филм. Според Путин, Русија во 2014 година, пред сè, не била подготвена „за какви било ненадејни потези“ затоа што требало да изврши подготовки „во областа на безбедноста, градењето на вооружените сили, економијата и финансиите“, и второ, „искрено се обидела мирно да го реши проблемот со Донбас“.
„Ќе беше нереално да се започне специјална воена операција во 2014 година. Земјата не беше подготвена за фронтален конфликт со целиот Запад. Токму тоа се случува сега. На Запад тоа го признаваат, а во САД за тоа отворено зборуваат. Тие јасно велат: „Ние сме во состојба на институционална војна со Русија“. Путин ја повтори својата верзија според која анексијата на полуостровот е „изнудена“ и дека Русија се одлучила на тоа за да ги „заштити“ жителите на тој регион.
„Во 2014 година, едноставно бевме принудени да донесеме одлука да ги поддржиме жителите на Крим и Севастопол. Затоа што поинаку ќе значеше да ги оставиме на нивна милост. Знаев дека, се разбира, тоа ќе биде поврзано со одредени сериозни тешкотии. Така се случи: веднаш следеа санкции. И мислам дека ја направивме вистинската работа што го направивме она што го направивме тогаш. Путин изјави дека кога ја донел одлуката за инвазија на Украина, се надевал дека Русите ќе го поддржат, но бил свесен дека реакцијата може да биде поинаква: „Се надевав на поддршка. Се разбира, постоеше опасност од поинаков развој на настаните и поинаква состојба на општеството. Во таа смисла, ризикот беше, се разбира, голем. Според неговото мислење, за време на војната, секој граѓанин на Русија разбрал дека тој е државата, дека „денес, утре, од него зависат неговите деца, неговото семејство, неговата татковина и земја“.
„Тој разбира дека длабоката држава е токму тој. Тој е последната линија на одбрана, последното средство. Се сеќавате ли како беше во Големата патриотска војна? Русија е голема земја, но нема каде да се повлечеме, Москва е зад нас“, објасни Путин. Павел Зарубин го праша Путин дали во иднина ќе се случи „помирување со украинскиот дел од рускиот народ“. Претседателот на Руската Федерација вака одговори: „Ми се чини дека тоа е неизбежно. Без разлика на целата трагедија што ја доживуваме во моментов. Тоа е прашање на време“. Путин рече дека Западот се обидува да ја испровоцира Русија дозволувајќи и на Украина да ја таргетира руската територија со западни ракети, но и дека Москва нема потреба од нуклеарно оружје. Тој рече и дека се надева дека тоа нема да биде потребно ниту во иднина.
„Тие сакаа да не испровоцираат, сакаа да нè натераат да правиме грешки. Но, немаше потреба да се користи оружјето за кое штотуку зборувавте и се надевам дека нема да биде потребно ниту тоа. Имаме доволно сила и ресурси да го завршиме она што го започнавме во 2022 година, со резултатот што и треба на Русија“.