Москва планира да распореди неколку ракетни системи „Орешник“ во Белорусија до крајот на 2025 година, изјави државниот секретар на Советот за безбедност на Белорусија, Александар Волфовиќ. Орешник е балистичка ракета со среден дострел (ИРБМ) која Русија ја промовира како експериментално оружје способно да ги заобиколи напредните системи за противвоздушна одбрана. Во декември 2024 година, белорускиот лидер Александар Лукашенко побара од Москва да распореди 10 руски ракетни системи „Орешник“ во Белорусија, потсетува Киев Индипендент. Веќе се одредени локациите за распоредување“, рече Волфовиќ, без да прецизира колку ракетни системи ќе бидат распоредени.
Инаку, Русија на 21 ноември 2024 година ја лансираше ракетата „Орешник“ кон украинскиот град Днипро. Станува збор за проектил дизајниран да носи нуклеарно оружје, но не бил вооружен со нуклеарна боева глава за време на нападот. Русија го лансираше „Орешник“ откако Киев ги изведе првите успешни напади со ракетите ATACMS испорачани од САД. Додека рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека Русија започнала со масовно производство на Орешник, неименуван американски функционер тогаш изјави дека Москва веројатно поседува „само мал број“ од експерименталните ракети. Патем, Белорусија е клучен сојузник на Москва. Медиумите претходно објавија дека земјата има руско тактичко нуклеарно оружје на своја територија, откако двете земји потпишаа договор во мај 2023 година. Сепак, шефот на украинското надворешно разузнавање Олех Ивашченко во интервју за Укринформ на 26 мај изјави дека Белорусија поседува системи за испорака на нуклеарно оружје, но не и боеви глави.