Во Србија се засилуваат критиките за војната во Украина. Четири опозициски политички партии и невладини организации денеска до претседателката на градското собрание на Нови Сад, Јелена Маринковиќ Радомировиќ, доставија барање за одземање на титулата почесен граѓанин на Нови Сад за рускиот претседател Владимир Путин. Оваа титула Путин ја доби во 2008 година, на предлог на Српската радикална партија, јавува агенцијата Бета. Рекоа дека Путин е диктатор и агресор и затоа е неприфатливо тој да е почесен граѓанин на Нови Сад. Посочија дека тој е одговорен за смрт на цивили, уништени домови, патишта. Народната претставничка на Движењето на слободни граѓани, Ана Орег, оцени дека Путин „негува и финансира се што е антиевропско“ во Србија, од луѓето до вредностите, а неговата цел е да предизвика нестабилност во Србија, и нејзино поткусурување во меѓународните односи.
„Срамота е Путин да му подарува новогодишна елка на Белград додека во исто време и дава на Украина уништени домови, семејства. и градовите“, изјави Ана Орег. Велат дека ако Нови Сад не му ја оземе титулата на Путин, тоа ќе биде срамно. Инаку, поранешната српска министерка Зорана Михајловиќ го критикуваше Путин, рече дека тој носи страдање на секој човек и секое дете, но таа не се најде во новиот владин состав во Србија. На почетокот на војната, имаше протест во Белград за прекин на војната. Оргзаниции излегоа на протест и побараа прекин на војната, да запре крвопролевањето, а неодамна имаше пак уште еден протест насочен против политиките на Путин. Самиот Путин тврди дека немале друг избор освен војна во Украина. Повеќе од 300 дена има воени дејствија во Украина.