Уште во 2030 година, Путин би можел да има значително поголеми капацитети. Сега му треба пауза, сака укинување на санкциите и време за обука на војската. Ако го добие тоа, ќе имаме проблем, смета украинскиот претседател.Русија би можела да нападне земја од НАТО во рок од 5 години, вели украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Скај Њуз.
– Верувам дека Путин би можел да нападне земја од НАТО во рок од пет години. Денес, Украина го спречува, тој нема време за сериозна армиска обука, неговите војници умираат на бојното поле. Но, десет години е долг период, тој ќе има нова армија, ќе биде подготвен – изјави Зеленски од самитот на НАТО во Хаг.
Сепак, кога беше прашан дали постои опасност од напад веќе во наредните месеци, Зеленски беше претпазливо оптимистички настроен:
– Не верувам дека Путин е подготвен за тоа во моментот.
Зеленски ги критикуваше плановите на членките на НАТО да ги зголемат воените трошоци на 5% од БДП до 2035 година, оценувајќи ги како премногу бавни.
– Уште во 2030 година, Путин би можел да има значително поголеми капацитети. Сега му треба пауза, сака укинување на санкциите и време за обука на војската. Ако го добие тоа, ќе имаме проблем.
Лидерите на НАТО треба формално да ги потврдат плановите за инвестирање на 3,5% од БДП во одбрана на самитот во Хаг, плус дополнителни 1,5% во поврзани сектори како што се инфраструктурата и сајбер безбедноста, со што вкупниот износ ќе достигне 5%, нивото на инвестиции што беше во времето на Студена војна.
Украинскиот лидер, исто така, се потсети на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Овалната соба, која беше опишана како непријатна, но нагласи дека „постапил чесно“ и одби да каже дали се чувствувал „навреден или под притисок“.
Иако призна дека можеби не е „најдобриот човек“ за да ја води Украина низ војната, тој вели дека е „најискусен“.
На тема можни мировни преговори, тој рече дека ќе поддржи секаков обид за компромис, но не одговори јасно дали би се согласил на територијални отстапки.
– Мировните преговори се можни, но вистинскиот пат до мир е принуда со санкции и воен притисок – заклучи Зеленски.