Рускиот претседател Владимир Путин денес телефонски разговараше со својот француски колега Емануел Макрон за војната во Украина, како и за ситуацијата на Блискиот Исток во контекст на иранско-израелскиот конфликт и американските напади врз иранските објекти, соопшти Кремљ.Како што е наведено, Путин во разговорот рекол дека украинскиот конфликт е директна последица на политиките на западните земји.
„Украинскиот конфликт е директна последица на политиката на западните земји, кои со години ги игнорираа безбедносните интереси на Русија, создадоа антируско упориште во Украина и го толерираа кршењето на правата на рускојазичните граѓани“, рече Путин, соопшти Кремљ.Путин оцени дека решението во Украина треба да биде сеопфатно, да ги отстрани коренските причини и да се базира на реалноста на теренот.
„Западните земји водат политика на продолжување на воените операции, хранејќи го режимот во Киев со разни современи оружја“, нагласи рускиот лидер, пренесува ТАСС.
Путин и Макрон ја истакнаа важноста од почитување на правото на Иран на мирна нуклеарна енергија и исполнување на неговите обврски според Договорот за неширење, вклучително и соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Претседателите на Русија и Франција се обврзаа да ја решат кризата околу Иран и другите конфликти во регионот преку дипломатија.
Тие, исто така, се согласија да продолжат со контактите за можна координација на ставовите за решавање на проблемите на Блискиот Исток.
Тие особено ја нагласија одговорноста на Русија и Франција како постојани членки на Советот за безбедност на ОН во зачувувањето на мирот и безбедноста, според соопштението на Кремљ.