Рускиот претседател Владимир Путин за време на својот говор пред членовите на Меѓународниот арктички форум даде неколку интригантни коментари за изјавите на Доналд Трамп во врска со американското преземање на Гренланд, пренесе Скај њуз. Рускиот претседател рече дека овие амбиции не се изненадување и треба да се сфатат сериозно.
„Би било голема грешка да се мисли дека ова е само некоја ексцентрична приказна на новата американска администрација, бидејќи не е“, рече Путин. Тој додаде дека слични планови првпат биле изнесени од Вашингтон во 1860-тите, но предлогот за анексија на Гренланд и Исланд бил отфрлен од Конгресот во тоа време. „Овие планови имаат длабоки историски корени и очигледно е дека САД ќе продолжат да ги унапредуваат своите геополитички, воени и економски интереси на Арктикот“, додаде тој. Што се однесува до Гренланд, Путин смета дека тоа е прашање што ги засега двете земји и нема никаква врска со Русија.
„Сепак, ние сме загрижени поради фактот што земјите од НАТО се повеќе го признаваат далечниот север како упориште за можни конфликти“, додаде рускиот претседател. Тој изјави дека Русија ќе ги брани своите интереси на Арктикот. „Русија никогаш никому не му се заканувала на Арктикот“, рече тој, но нагласи дека е подготвена да ги брани своите интереси. „Бројот на воен персонал на Арктикот ќе расте“, додаде тој. „Русија ќе одговори на вклучувањето на Финска и Шведска во активностите на НАТО“, рече тој. Северниот морски пат, рече Путин, има огромно стратешко значење, бидејќи ќе ги поврзе светските центри и пазари на побрз и побезбеден начин.
„Русија веќе ја има најголемата флота на мразокршачи во светот. Мораме дополнително да ги зајакнеме овие позиции и да воведеме нови генерации мразокршачи, вклучително и нуклеарни. Таквата флота е единствена во светот“, рече Путин. Протокот на стоки низ Северниот морски пат порасна десеткратно во последната деценија, достигнувајќи 38 милиони тони, а се планира до 2030 година да се зголеми на над 100 милиони тони, јавуваат руските медиуми. Треба да се напомене дека рускиот лидер се стреми да ја интензивира трговијата преку Северниот морски пат преку арктичките води, додека неговата земја ја пренасочува трговијата кон Азија и подалеку од Европа поради санкциите на Западот наметнати на Русија за војната што ја започна, додава SkyNews.