Според еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус, Украина оваа година би можела да произведе повеќе од 4 милиони дронови. Тој сугерира дека и други држави, како неговата родна Литванија, треба да го следат тој пример
Русија подготвува арсенал од пет милиони дронови за следните 5 години, Украина веќе има капацитет да произведе 4 милиони летала годишно, а Литванија треба да стигне до 3, алармира еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус.
Во интервју за Скај Њуз тој предупредува дека без масовно производство и технолошка мобилизација, Европа ќе биде немоќна во случај на руски напад. Според него, руските вооружени сили би можеле да бидат подготвени да нападнат членка на НАТО во рок од 5 години.
– Русија би можела да има околу пет милиони дронови. Ако сакаме да победиме, треба да имаме поголем капацитет – вели Кубилиус според кого со самиот почеток на војната во Украина во 2022 година била поведена револуција во војувањето со беспилотни летала.
Еврокомесарот објасни дека, според проценките, 80 отсто од загубите на руската армија во Украина се резултат на украинските беспилотни единици. Најопасната зона, фронтовската линија, која ја нарекуваат „Долина на смртта“, стана место каде, вели тој, „ништо не може да се движи без да биде откриено и уништено“.
– Конвенционалните тенкови таму преживуваат само шест минути во просек – додава еврокомесарот за одбрана.Според Кубилиус, Украина оваа година би можела да произведе повеќе од 4 милиони дронови. Тој сугерира дека и други држави, како неговата родна Литванија, треба да го следат тој пример:
– Литванија има околу 900 километри граница со Русија и Белорусија. Мора да бидеме подготвени да произведуваме најмалку 3 милиони дронови годишно.Еврокомесарот нагласи дека „наместо да складираме дронови кои брзо стануваат застарени, мора да изградиме индустриски капацитети и тимови инженери и пилоти што можат веднаш да почнат со производство.“