Бизнисмените од секторот на конфекција за следната седница на Економско-социјалниот совет подготвуваат предлог да се направат измени во Законот за работно ангажирање со кои пензионерите ќе може да бидат вработени во текот на целата година, а не само 180 дена.
– Ако пензионерот сака да работи четири или осум часа тоа е ок и да се одбере сам. Зошто да му се ограничи да работи три месеци, а потоа да не моѓе, а он сака и понатаму да работи. Со тоа ќе го тераме пак да работи во сива економија на црно, рече Ангел Димитров за Канал 5 како претседател на Организацијата на работодавци.
Собранието минатиот месец со 73 гласа „за“ ги донесе дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои се овозможува да работат пензионери, студенти и странци. Со дополнувањата на законот, работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот, како и странец кој има регулиран престој согласно закон.