Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио разговарале телефонски, јави Москва. Рубио го информирал рускиот министер за контактите што тој и специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф ги имале со претставници на Украина, Франција и други европски земји. Во разговорот беше истакнато дека овој контакт е дел од тековните консултации меѓу Вашингтон и Москва, вклучително и неодамнешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Виткоф во Санкт Петербург. Лавров ја потврди подготвеноста на Москва да ја продолжи соработката со американската страна со цел да се елиминираат главните причини за избувнувањето на украинската криза, соопшти руското МНР. Рускиот министер и американскиот државен секретар се залагаа за продолжување на оперативната комуникација, имајќи ги предвид планираните разговори меѓу САД и Европа со украинските претставници следната недела.
Како што соопшти Стејт департментот, Рубио на Лавров му го пренел ставот на американскиот претседател Доналд Трамп дека украинската криза мора да се реши. „Американскиот државен секретар на својот руски колега му ја пренесе истата порака што американскиот тим и ја пренесе на украинската делегација и европските сојузници во Париз: претседателот Трамп и САД сакаат оваа војна да заврши и сега на сите страни им ги претставија контурите на траен и одржлив мир“, се вели во соопштението. Охрабрувачката реакција на американскиот предлог во Париз покажува дека мирот е можен доколку страните се обврзат да постигнат договор, посочува Вашингтон.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува Москва да одговори на неговиот предлог за прекин на огнот во Украина во наредните денови и не ја исклучи можноста за дополнителни трговски мерки во случај да нема одговор. „Тие ќе ни одговорат наскоро, всушност оваа недела. Ќе видиме што ќе се случи“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, одговарајќи на прашање за можни секундарни тарифи или друг притисок врз Русија доколку Москва не одговори на неговата иницијатива, пренесува Спутник. Тој изрази уверување дека прекинот на огнот е се поблиску.