Секретарот за одбрана на САД Пит Хегсет и генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска телефонски разговараа за потребата од зголемување на трошоците за одбрана во земјите-членки на НАТО, соопшти Пентагон. Хегсет и Руте разговарале и за „изградба на посилен НАТО сојуз“, објави Ројтерс. Претставниците на САД и НАТО, исто така, разговараа за важноста од „проширување на капацитетите на одбранбената индустриска база на двете страни на Атлантикот“.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека ќе побара од членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од бруто домашниот производ (БДП). Ниту една членка на НАТО не ја достигна целта за одбранбени трошоци од пет проценти, вклучително и САД под администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден. Министрите за одбрана на неколку големи американски сојузници во Европа неодамна изјавија дека придонесот од пет отсто од БДП по земја е нереален, пренесува Танјуг.