Експерти во изјава за „Телма“ го коментираат актуелното превирање и барање на власта да го разреши државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Коментарите од стручната фела се дека разрешувањето на обвинител не е прашање на превласт и моќ, туку законски регулирана материја. Власта го обвинува Коцевски за нарушената доверба во судството. Правниците се децидни – во Закон е уредено како се разрешува државен јавен обвинител и под кои услови и заради кои причини.
-Разрешувањето на државниот јавен обвинител не е прашање на волја на структури на моќ, туку строго регулирано законско прашање. Ние како стручна и лаичка јавност имаме проблем што работите ги набљудуваме надвор од контекст. Тие појави надвор од контекст немаат смисла и се тотално неразбирливи, изјави за Телма адвокатот Златко Јакимовски.
Поранешната Врховна судијка Вера Коцо, во вчерашната Топ Тема на Телма толкува дека во моментот, судбината на државниот обвинител е во рацете на Советот на јавните обвинители.
-Имаше расправии меѓу републичкиот јавен обвинител и вишиот јавен обвинител и слични случувања. Како ќе бидат квалификувани тие случувања не знам. Топката сега е кај Советот на јавни обвинители што треба да одлучи дали постоела причина и дали за дисциплинска повреда ќе му биде изречена казна или што ќе следува, тоа не знаеме. Не сме слушнале да е член на политичка партија, вели Коцо во изјава за „Топ Тема“.
Министерот за правда Игор Филков, од чие министерство почна постапката за разрешување на Коцевски, веќе посочи дека ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење и не го поддржи разрешувањето, тоа нема да значи дека постапката е завршена.
-Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавно обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието, рече Филков.
Откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски наведе дека „спогодбата што јавното обвинителство ја склучило со Иџет Мемети и судијата Наќе Георгиев е причина плус државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да биде разрешен“, Коцевски тврди дека ниту во овој случај, ниту во друг не бил во судир на интерес и неговото постапување е законско.
-Ниту во наведениот, ниту во кој било друг предмет јавниот обвинител на Република Северна Македонија не бил во ситуација на судир на интерес, тврдат од Обвинителството.
Милошоски смета дека проблемот бил во тоа што Коцевски и Иџет Мемети се познавале со години а во времето на истрагата двајцата биле членови на Советот на јавни обвинители, па затоа Коцевски „требало да се изземе“. Судијата Наќе Георгиев беше осуден на казна затвор од 3 години и доби забрана за вршење професија, а Мемети доби условна казна. Мемети беше потпретседател на Советот на јавни обвинители. Врховниот судија Наќе Георгиев беше осомничен за примање награда за противзаконито влијание. Истражната постапка против нив почна зашто беше објавено дека барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев осомничен за шверц на дрога.