Мислењето од Министерството за правда за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски утре ќе се најде на владина седница, а потоа ќе биде испратено до Советот на јавни обвинители. Дали јавно ќе биде објавено целосното мислење што Владата ќе го достави до Советот од Владата не одговорија.
-На утрешната владина седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како Влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем, довербата на граѓаните е сериозно нарушена и затоа сме силно посветени конечно да владее правото и да имаме правна држава, велат во краткиот одговор од Владата за „Слободен печат“.
Министерството за правда објави само дел од мислењето во јавноста со општи констатации и општи обвинувања.
-Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство. Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките – се велеше во соопштението од Министерството за правда.
Според Законот за јавно обвинителство Владата нема рок до кога да го достави мислењето до Советот на јавни обвинители, додека Советот има рок од 15 дена да достави позитивно или негативно мислење.
-Владата на Република Северна Македонија предлогот за разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија го доставува до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот, до Владата на Република Северна Македонија да достави образложено позитивно и негативно мислење во писмена форма – се вели во Законот.
И министерот за правда и експертите веќе кажаа дека мислењето на Советот нема да го спаси Коцевски од разрешување. Ако Советот не достави мислење се смета дека не го поддржува предлогот на Владата, но сепак постапката не запира и продолжува во Собранието, каде власта го има потребното мнозинство за разрешување на обвинителот. Откако започна постапката за разрешување, премиерот Христијан Мицкоски го повика Коцевски да не купува време и да се даде оставка, но Коцевски не го послуша повикот, па постапката продолжува, а Коцевски освен со писмени соопштенија се нема појавено во јавноста. Во меѓувреме, владејачката ВМРО-ДПМНЕ од партиска говорница продолжува со обвинувањата против Коцевски, нарекувајќи го пулен на СДСМ.
-Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, и ако сакаше да покаже дека може и знае да работи, тој ќе поведеше постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети извршиле влијание за Боро Марлборо да добие поблага казна. Тоа што Иџет Мемети и Наќе Георгиев завршија со спогодба, а корумпираните судии и обвинители врз кои тие влијаеле останаа да правораздаваат покажува колку Љупчо Коцевски немал идеја што треба да работи, или не сакал. Љупчо Коцевски можеше да го отстрани дивото месо од обвинителството и судството, но тој избра да биде послушник на СДС и да ги штити нивните извршители во правосудството – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
По отворањето на постапката за разрешување, заменик шефот на вишото јавно обвинителство, Јован Цветановски, кој беше суспендиран и против кого имаше дисциплинска постапка поднесе кривична пријава против Коцевски. Кривична пријава, дисциплинска постапка беше покрената и против шефот на Вишото обвинителство, Мустафа Хајрулахи, а на негово место Советот на јавни обвинители избра времен раководител. Откако почна постапката за разрешување се засилија и обвинувањата на Цветановски дека Коцевски побарал од него да донесе незаконска одлука за „бонусите на СЈО“.