Раководителот на урбанистичкото одделение во општина Маврово Ростуше, Садредин Елезоски призна дека примил мито, за да издаде одобрение за урбанистички проект за градба на апартмани во Маврово. Парите се согласил да му бидат исплаќани етапно онака како што течела управната постапка, притоа уверувајќи го пријавителот дека средствата се за сите членови на Комисијата кои треба да одлучуваат по барањето за да постапат во побрз рок.
Како раководно службено лице кое одлучува во управна постапка и како член на Комисија за урбанизам, осудениот на претходно договорени средби, побарал од еден подносител на барање паричен износ најпрво од 16.000 евра, а потоа го намалил барањето на 13.000 евра.За првото дејствие побарал 4.400 евра, но на 19.03.2025 година во угостителски објект во Скопје примил 2.000 евра бидејќи сведокот му кажал дека само толку може да обезбеди во тој момент и притоа беше уапсен на лице место при приемот на парите.
Како што соопшти Основното јавно обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје му изрече осудителна пресуда врз основа на признание на вина и му одреди казна затвор во траење од три години и 4 месеци.На предлог на јавниот обвинител, судот одлучи да се конфискуваат сите парични средства во вкупен износ од околу 11.600 евра што во моментот на претресот беа пронајдени кај сега осудениот, што претставува примена на инструментот на проширена конфискација предвиден во член 98-а од Кривичниот законик.