Токму на Светскиот ден за борба против ракот, добри вести за пациентите кои примаат биолошка терапија – по извесен застој, тие конечно повторно го добиваат неопходниот лек. Ова претставува значајна олеснителна околност за многумина кои се соочуваат со тешката битка против оваа болест и покажува колку е важно навремено снабдување со современи терапии. Според асоцијацијата „СЕ ЗА РАК“, Светскиот ден за борба против ракот, кој секоја година се одбележува на 4-ти февруари, е потсетник за сериозноста на оваа болест што секојдневно одзема животи. Ракот не познава граници – може да го погоди секого, без разлика на возраста, полот или социјалниот статус. Но, со навремена превенција, рана дијагностика и пристап до современи терапии, многу животи можат да бидат спасени.
Глобалните статистики се загрижувачки: секоја година, рак одзема 10 милиони животи, но истовремено, околу 40 отсто од случаите можат да се спречат со здрави животни навики и редовни лекарски контроли. Брзата реакција и навременото откривање на болеста ја зголемуваат шансата за успешен третман. Токму на овој ден, медицинските експерти и активистите повторно ја нагласуваат важноста на раното откривање и пристапот до соодветна нега. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) ја повикува Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство да ја зголемат поддршката за превентивните програми за рана детекција и спречување на малигни заболувања.
Анализите покажуваат дека:
Во 2024 година буџетот за превенција бил 590 милиони денари, додека за 2025 година се предвидени 651 милион денари. Сепак, овие средства често се кратат со ребалансите. Скринингот за рак на грлото на матката останува недоволно ефикасен – од потребните 75 отсто од жените, во 2023 година биле тестирани само 11 отсто. Неодамна Фактор објави и две изјави на жени как кои е дијагностициран канцер на грлото на матката. Нивните приказни ја истакнуваат важноста на редовните прегледи, раната дијагностика и поддршката во справувањето со оваа сериозна болест.
-Кога ми кажаа дека имам рак на грлото на матката, бев во шок. Немав никакви симптоми и мислев дека ми ја погрешиле дијагнозата. Направив 3 ПАП тестови едно подруго, сите беа со таа дијагноза. Сепак ќе речам дека благодарение на редовниот ПАП-тест, болеста беше откриена во рана фаза, и по операцијата, сега сум во добра здравствена состојба. Мојот совет до сите жени е да не ги прескокнуваат редовните гинеколошки прегледи. Тие можат да спасат живот, вели 37-годишната Славица од Штип.
-Никогаш не помислив дека ваквите работи можат и мене да ми се случат, но, ете кога почнав да чувствувам болки и крварење, отидов на лекар, па болеста кај мене, за жал беше детектирана во подоцнежна фаза, и сега чекам операција. Единствено жалам што не правев редовни прегледи порано. Сега знам колку е важна превенцијата и сакам сите жени да се едуцираат за оваа болест, посочува 57-годишната Татјана од Скопје. Според ЕСЕ и недостатокот на гинеколози во 40 општини и слабата финансиска поддршка го загрозуваат здравјето на жените. Поради ова, ЕСЕ бара итно зголемување на средствата за скрининг на рак на грлото на матката на минимум 35 милиони денари годишно, подобра достапност до гинеколошки услуги и зголемена вакцинација со ХПВ вакцина.
Што можеме да се направи?
Асоцијацијата и платформата „СЕ ЗА РАК“ продолжува со заложбите за:
Поддршка и едукација на пациентите и нивните семејства;
Обезбедување пристап до точни информации за нови методи на лекување;
Промовирање на здрави животни навики и рана превенција;
Подигнување на јавната свест за важноста на раното откривање на болеста.
Анита Буховски