Најпознатиот современ црногорски музичар, генерално прифатен како „светски мега цар“, Рамбо Амадеус објави нов сингл насловен „Во добрите стари времиња“ (У добра стара времена), заедно со анимиран музички спот.
„Песната зборува за пренесувањето на заблудите, лошите навики, фрустрациите и на крај и агресијата од родителите врз децата, од генерација на генерација. Попрецизно, се обидов да ги набројам трауматичните искуства од детството на мојата генерација, кои секако во голема мерка нè обликуваа во тоа што сме. За наша среќа, младите од генерацијата „Зед“ (родените по 2000 година) се воспитуваа и се образуваа самите себе, со помош на знаењето достапно на интернет, па со резерва го примаа она што им го зборуваа трауматизираните и дезориентираните родители“ – напиша Рамбо во најавата на песната. Тој нагласи дека затоа ќе му биде дополнително интересно да види „како ќе го доживеат овој аудиовизуелен производ кој е целосна рачна изработка“ наспроти трендот за користење вештачка интелигенција. Спотот објавен на 25 март 2025 година е инспириран со архивата на стари црно-бели фотографии кои познатиот визуелен уметник ТАЛЕНТ (Владимир Периќ) со години ги собира, купувајќи ги на старо од бит-пазари. Тој потоа ги дигитализира и класификува по различни теми.
Авторите изјавија дека „сметавме дека штом тие стари фотки се продавани, купувани, па повторно препродавани по бит-пазари, дека никому и не му се важни, па ни се чини дека на овој начин некои одамна заборавени луѓе ги оттргнавме од вечниот заборав“. На оваа снимка на песната „Во добрите стари времиња“ на Рамбо Амадеус му гостува и хорот Musica Viva од Сомбор, познати по ангажирани настапи за прогресивни каузи. Ова не е прва нивна соработка, на пример во 2015 година објавија обработка на песната „Бандиера Роса“ во форма на мадригал во чест на Туста, тогаш починатиот пејач на легендарната хрватска панк група „КУД Идијоти“. Извор: Новинска агенција МЕТА