Судот во Струга го прогласи за виновен градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско назначување вршители на должност директори на општински основни училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.Судијата Јордан Јованов, му изрече парична казна од десет илјади евра во денарска противвредност.
Образложувајќи ја пресудата, судијата Јованов истакна дека при донесувањето на одлуката и пресметувањето на висината на казната имал предвид повеќе олеснителни околности, пред се тоа што обвинетиот нема кривично досие, односно не е претходно осудуван.
– Како олеснителна околност Судот ја имаше предвид ситуацијата дека во секој сектор има недостиг од кадри и дека работата морало да се реши, вработените да земаат плата, Судот истите ги ценеше при одмерувањето на видот и висината на казната. Сите тие околности, земени во склоп со фактот што обвинетиот не е досега осудуван, водат кон тоа Судот да се одлучи да го осуди на парична казна, рече Јованов.За разлика од претходната ослободителна пресуда каде во ревизорскиот извештај немало забелешки за набавката на луксузното возило „ауди А6“, Јованов рече дека во овие предмети обвинетиот постапил спротивно Законот за основно образование, како и дека постојат извештаи и записници од извршен надзор од Државен просветен инспекторат со наведени членови каде е постапено спротивно законот.Сите директори биле назначувани на функцијата в.д. директори без јавен оглас, без искуство од пет години и биле бирани едноподруго и тоа не од редот на вработените, иако тоа не е дозволено по закон.
– Не е спорно дека поставените директори ја вршеле работната обврска, но спорно е дали можело да бидат назначувани. Постојат правила како се прави тоа и се додека тие се во важност не смее да се заобиколуваат, истите мора да е почитуваат, рече судијата.Против струшкиот градоначалник пред Основниот суд во Струга се водат уште два одвоени предмети по обвинение за назначување директор во училиштето „Браќа Миладиновци“ што е во завршна фаза. За наредниот месец судијата Јованов го закажа и рочиштето по предметот за училиштето во селото Велешта, каде има и обвинети што се товарат и за фалсификување исправа, на кое останува да се сослуша уште само еден сведок. Против Мерко се води и процес во кој тој е обвинет за незаконско поставување спомен-обележје пред општинската зграда.Судот во Струга пред дееттина дена донесе ослободителна пресуда по предметот што против Мерко се водеше за набавката на луксузното возило „ауди А6“ и други возила за потребите на Општината во вкупна вредност од 114 илјади евра.