„За каква дипломатија зборуваш Џеј Ди?“, праша Зеленски додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин и претходно ги прекршуваше мировните договори. Претходно потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс посочи дека може да се постигне мир во Украина преку дипломатија. Претседателот и потпретседателот на САД, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс се расправаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во тензична дискусија во Овалната соба во Белата куќа за војната во Украина каде Русија изврши целосна воена инвазија во 2022 година. Венс го обвини Зеленски дека не покажува почит. Претседателот на Украина дојде во Вашингтон да се сретне со Трамп и да потпише договор за ретки менерали што стана клучен услов за САД да продолжи да ја поддржува неговата земја. Трамп во еден момент му кажа на Зеленски: „Се коцкаш со Трета светска војна. Прес-конференцијата излезе од контрола откако на Трамп му беше поставено прашање за неговата поставеност кон претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, за што има големи критики од страна на поддржувачите на Украина. Од друга страна, Доналд Трамп неодамна го нарече Зеленски „диктатор“.
Откако Трамп рече дека тој се става на „двете страни“ за да преговара за мир, Венс додаде дека нападите на поранешниот претсдател на САД, Џо Бајден кон Владимир Путин резултираа со повеќе борби и уништување.„Можеме да постигнеме мир и просперитет преку спроведување на дипломатија“, рече Венс. Зеленски побара дозвола да му одговори на Венс, потенцирајќи дека Путин и претходно ги прекрши мировните договори. „За каква дипломатија зборуваш Џеј Ди?“, праша Зеленски. Венс одговори веднаш: „Зборувам за дипломатија која ќе му стави крај на уништувањето на вашата земја. Мислам дека е непристојно да дојдеш во Овалната соба и да зборуваш вака пред американските медиуми“. Зеленски, пак, рече: „За време на војни секој има проблеми, дури и вие, но вие имате фин океан и не го чувствувате тоа, но ќе почувствувате во иднина“. Тогаш Трамп го прекина: „Не ни кажувај што ќе чувствуваме, ќе се обидеме да го решиме проблемот. Не ни кажувај што ќе чувствуваме“. „Не ви кажувам ….“, рече украинскиот претседател. „Ти не си во позиција да диктираш. Ти не си во позиција да диктираш што ќе чувствуваме“, рече Трамп. Потоа претседателот на САД се сврте кон медиумите и додаде дека ќе биде многу тешко да се постигне мировен договор. Извор: Новинска агенција МЕТА
President Donald J. Trump and Vice President JD Vance put AMERICA FIRST. pic.twitter.com/AkAvzKpcpb
— The White House (@WhiteHouse) February 28, 2025