Почитувани сограѓани, „Полуилегално“ и на шверцерски начин, во стилот на нивното владеење, вчера во населбата Точила конечно беше пуштена во употреба детската градинка „Бајка“. На неспособната општинска власт предводена од ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, им беа потребни цели 44 месеци за да го стават во функција изградениот објект наследен од претходната локална власт на СДСМ.
Со иста радост како и нивните родители, отворањето на вратите од новата градинка го чекаа три генерации дечиња од претшколска возраст. Нивната надеж остана само пуста желба исклучиво и единствено поради неспособноста на Јовчески и негрижата на ДПМНЕ за проблемите и потребите на граѓаните на Прилеп. Дури и за најмладите. Рекле, од стравот може да се побегне – ама не и од срамот. Токму затоа вчерашното отворање всушност беше затворена партиска збиранка на локални функционери на ДПМНЕ, несвојствено и непримерно за предавање во употреба објект од стратешко значење за градот.
Не само што не дојде премиерот Мицкоски, туку на свечениот момент не присуствуваше ниту еден претставник од првиот владин ешалон.
Заради суетата на Јовчески и неговите сопартијци, на настанот не беа поканети и не присуствуваа ниту оние кои имаат најголема заслуга што после 45 години Прилеп доби нова градинка – претходниот градоначалник Илија Јованоски и советниците од минатиот состав на општинскиот Совет. Да потсетиме, членовите на сите советнички групи од тогашниот Совет на општина Прилеп едногласно ја изгласаа одлуката за изградба на нова детска градинка во населбата Точила, проект “тежок“ 133 милиони денари, целосно финансиран од општинскиот буџет.
Општинската организација на СДСМ Прилеп го поздравува ставањето во функција на детската градинка „Бајка“, а на сите дечиња кои ќе бидат згрижени во неа како и во останатите градинки во општина Прилеп, им посакува пријатен престој во предучилишната установа.
Центар за комуникации со јавност
ОО СДСМ Прилеп 13.05.2025