Недостигот на редовни и вонредни контроли во процесот на прием, евидентирање и сместување на студентите, како и на точноста на податоците во документацијата на студентските домови, го оневозможува нивното правилно функционирање и исполнување на целта за обезбедување соодветни услови за студентите, велат од Државниот завод за ревизија. Иако согласно законските одредби, Државниот просветен инспекторат (ДПИ) има обврска да врши инспекциски надзор најмалку еднаш годишно во студентските домови, последниот надзор бил извршен во 2019 година. Шест години не се извршени нови контроли, ниту се изготвени записници за извршени надзори. Ова е нотирано од Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста за 2023 година на Просветниот инспекторат. Со извршената ревизија биле утврдени слабости во спроведувањето на инспекцискиот надзорот во студентските домови и воспитно-образовните установи, што според ревизорите, резултира со недоволна контрола врз процесите на прием, сместување и евидентирање на студентите, како и со намалена ефикасност во оценувањето на квалитетот на образовните институции.
„Согласно законските одредби Државниот просветен инспекторат има обврска да врши инспекциски надзор најмалку еднаш годишно во студентските домови и да достави извештај до МОН и Владата во рок од 60 дена по завршувањето на сместувањето на студентите. Со ревизијата утврдено е дека последниот инспекциски надзор бил извршен во 2019 година, по што не се извршени нови контроли, ниту се изготвени записници за извршени надзори“, соопштија од ДЗР. Недостигот на редовни и вонредни контроли во процесот на прием, евидентирање и сместување на студентите, како и на точноста на податоците во документацијата на студентските домови, го оневозможува нивното правилно функционирање и исполнување на целта за обезбедување соодветни услови за студентите, додаваат од таму. Ревизорите утврдиле дека инспекциски надзор не бил извршен ниту во 2024 година, што укажува на непостапување според препораките на овластениот државен ревизор утврдени во извештајот за функционирањето на студентските домови што беше објавен минатата година.
Државниот просветен инспекторат, исто така, има законска обврска да спроведува редовни и вонредни инспекциски надзори, како и евалуација на работата на воспитно-образовните установи. Сепак, од планирани вкупно 7,691 инспекциски надзор во 2023 година, извршени биле само 4.446, или 58% од планираното. Државниот завод за ревизија утврдил и дека во Просветниот инспекторат недостасува една третина од потребниот кадар.
„ДПИ располага со 138 систематизирани работни места, 100 се пополнети, што значи дека една третина од потребниот кадар не е пополнета. Најизразен недостаток има во Секторот за инспекциски надзор и оценување на квалитетот, каде што недостасуваат просветни инспектори, што ја отежнува реализацијата на основната дејност, а посебно за подрачјето на општините Охрид, Гостивар, Кавадарци и Ресен, поради пензионирање на просветните инспектори. Исто така, дел од нововработените инспектори не ја завршиле неопходната обука, што носи ризик за грешки и слабости во работењето. Заедно со недостигот на техничко-административен кадар, овие проблеми ја нарушуваат ефикасноста на инспекцискиот надзор и ја отежнуваат неговата целосна примена“, се вели во извештајот на ДЗР. И покрај законските обврски, дел од основните и средните училишта не биле опфатени со интегралната евалуација секоја трета учебна година, а како причина за ова се наведени пандемијата со Ковид-19, но и недостатокот на кадар предизвикан од постојаниот одлив на просветни инспектори поради пензионирање или други причини. „Ваквата состојба влијае на организацијата и реализацијата на наставата, условите во воспитно-образовните установи, како и на исполнувањето и вреднувањето на работните задачи на наставниците и стручните соработници“, се вели во извештајот. ДЗР открил и неправилности во однос на користењето на средствата за службените и сопствените возила за службени цели.
„Имено, најголем дел од патните трошоци се исплатени за дестинации на кои постои организиран автобуски превоз, бројни патни налози не се уредно пополнети, не се архивирани, недостасуваат податоци за изминати километри, а истите не се одобрени од непосредните претпоставени и не се изготвуваат писмени налози за користење службените возила“, велат од Државниот завод за ревизија. Со ревизијата се истакнува и оти Државниот просветен инспекторат се соочува и со несоодветни услови за работа, недостаток на современа софтверска и ИТ опрема. Извор: Новинска агенција МЕТА