Ова откритие, кое беше објавено во списанието „Нејчр“ (Nature), би можело да го револуционизира управувањето со отпад и одржливото производство на лекови.
Истражувањата покажаа дека бактеријата ешерихија коли, која често се користи во биотехнологијата, може да ја трансформира терефталната киселина, молекула создадена од шишиња и кутии од полиетилен терефталат (ПЕТ), во активна состојка во популарните аналгетици и антипиретици.Користејќи процес на ферментација сличен на оној во производството на пиво, истражувачите успеаја да ја извршат оваа конверзија за помалку од 24 часа со ефикасност од 90 проценти, што под оптимални услови може да достигне и до 92 проценти.Овој процес, спроведен на собна температура, создава минимални емисии на јаглерод, за разлика од вообичаениот индустриски метод, кој значително придонесува за климатските промени.
„Овој процес покажува дека ПЕТ пластиката не е само отпад или материјал за рециклирање, туку микроорганизмите можат да ја претворат во вредни производи, вклучително и лекови“, објаснил водачот на тимот Стивен Волас.
Секоја година се создаваат над 350 милиони тони пластичен отпад, и иако постојат методи за рециклирање, тие создаваат големи трошоци за енергија и животната средина.Истражувањето е финансирано од британската агенција EPSRC и фармацевтската компанија AstraZeneca, со поддршка на универзитетскиот центар за трансфер на технологии Edinburgh Innovations.Иако оваа техника сè уште не е подготвена за индустриска примена, истражувачите веруваат дека означува почеток на нова ера во одржливото производство на лекови.