Во Националната здравствена служба (НХС) во Англија е достапен новиот лек кој може да го забави напредувањето на една од најчестите форми на напреднат рак на дојка. Станува збор за таргетирана терапија наречена капивасертиб, а според првите анализи, околу 3.000 жени годишно би можеле да имаат корист од овој третман, јавува Би-би-си. Лекот е одобрен од Агенцијата за проценка на лекови во Англија, откако клиничките испитувања покажале дека може да го забави растот на болеста и да ја намали големината на туморите кај речиси четвртина од пациентките. Што е капивасертиб и како делува? Капивасертиб спаѓа во групата на таканаречени таргентни терапии. Неговото дејство се заснова на блокирање на протеинот АКТ, кој игра клучна улога во растот на клетките на ракот. Научниците работат на развојот на овој лек повеќе од две децении, а денес го нарекуваат „најефикасниот лек досега за напреднат рак на дојка“.
Во клиничкото испитување во кое учествувале 708 жени, комбинацијата на капивасертиб и хормонска терапија го удвоило времето до повторно активирање на болеста – од 3,6 на 7,3 месеци. Туморите се намалиле кај 23 отсто од пациентките, а лекот во многу случаи ја одложил потребата од хемотерапија, што за многумина е големо ментално и физичко олеснување поради тешките несакани ефекти. „Капивасертиб може да дејствува со месеци, а кај некои пациентки и со години“, рекол професорот Ник Тарнер, главен онколог и истражувач во Институтот за истражување на ракот и болницата Ројал Марсден. „Повторно ја планирам иднината“ Линда Кели (67), страсна цвеќарка која секоја недела вози велосипед повеќе од 90 километри и редовно оди на пилатес, живее со рак на дојка кој се проширил на коските и ѕидот на градниот кош. Сепак, благодарение на капивасертиб, таа води активен живот и вели: „Како да немам рак воопшто“. „Овој лек ми даде речиси четири години дополнителен живот“, рекла Линда. „Се чувствуваш доволно добро за да ја планираш иднината – и да уживаш во тие планови.“
По позитивниот одговор на терапијата, Линда и нејзиниот сопруг сега планираат нови патувања. Лекот не е за секого, но може да го промени животот на многумина Капивасертиб е наменет за пациентки кои имаат специфични генетски мутации, присутни кај приближно половина од жените со хормонски зависен метастатски рак на дојка – најчеста форма на оваа болест, која расте под влијание на естрогенот. „Ова е дополнителна опција за жените чија болест се вратила и покрај хормонската терапија“, рекол професорот Питер Џонсон, клинички директор за онкологија на НХС. Иако резултатите се ветувачки, процесот на одобрување на лекот траеше долго. Лекот првично беше одбиен, што предизвика фрустрација кај пациентите и организациите вклучени во борбата против ракот.