Главната порака во Декларацијата до новинарите во регионот е дека ВИ треба да служи како алатка што ги поддржува новинарите и редакциите, но никогаш како замена за човечката проценка, професионалниот суд или уредничката одговорност. Советите за етика во медиумите во земјите на Западен Балкан и Турција деновиве усвоија Регионална декларација за етичка и транспарентна употреба на Вештачката интелигенција во медиумите. На состанокoт што се одржа во Охрид (19/20 мај 2025), во организација на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), а под покровителство на УНЕСКО, учествуваа претставници на медиумските саморегулаторни тела од Црна Гора, Албанија, Србија, Косово и Турција, обединети во регионалниот проект „Градење доверба во медиумите во ЈИ Европа: поддршка за новинарството како општо добро“, поддржан од УНЕСКО, а финансиран од Европската Унија. Главната порака во Декларацијата до новинарите во регионот е дека ВИ треба да служи како алатка што ги поддржува новинарите и редакциите, но никогаш како замена за човечката проценка, професионалниот суд или уредничката одговорност.
„Употребата на ВИ во креирање, избор или обработка на медиумска содржина мора да биде транспарентна и одговорна. Јавноста има право да знае кога и како ВИ значајно влијае врз информациите што ги добива. Означувањето треба да биде пропорционално на улогата на ВИ, особено кога ВИ значително влијае на презентацијата, врамувањето или на суштината на содржината, независно дали се работи за текст, слика, аудио или видео формат, ова треба да биде јасно означено за публиката. Посебно внимание треба да се даде на содржините што се целосно или делумно генерирани од ВИ, особено доколку разликата од содржина керирана од луѓе не е очигледна. Таквиот материјал треба јасно и видливо да е означен. Манипулативни форми на ВИ-содржина, како deepfake видеа или синтетички гласови, не треба да се објавуваат без соодветна етичка оправданост, предупредување и контекст“ се наведува во извештајот. Регионалниот проектен координатор на УНЕСКО, Џошуа Масеранти, ги посочи советите за етика на медиумите.
„Постојат многу предизвици, не само во регионот туку и глобално, особено кога е во прашање ВИ. Таа нуди многу можности за новинарите и медиумите, но носи и многу ризици – ширење дезинформации, говор на омраза и безбедносни прашања. Со усвојувањето заедничка декларација за ВИ, правиме напори преку механизми на саморегулацијата да се обезбеди нејзина етичка употреба во новинарските куќи“ рече Масеранти. Пред да се применат ВИ-системи, особено во чувствителни контексти како избори, конфликти или здравствени кризи, се наведува дека медиумите треба да спроведат проценка на ризик, земајќи го предвид влијанието врз јавната доверба, ранливите групи и интегритетот на информацијата. Се посочува дека алгоритмите не смеат да носат одлуки без значајна човечка контрола. Се нагласува и потребата од системска поддршка за едукација на новинарите, медиумските работници и јавноста за критичко разбирање и безбедна употреба на ВИ.