Македонија како мала држава која е стратешки блиска земја со САД и во исто време има тесни врски со ЕУ, а е притисната меѓу чеканот и наковалната во време на креирање на нов светски поредок, во принцип со одлуката за коспонзорство на американската резолуција во ООН не ѝ сврте грб на Украина. Напротив, македонската дипломатијата во последен момент успеа да издејствува соломонско решение за она што се случува во светот, а се однесува на конечно ставање на крај на војната меѓу Украина и Русија на Стариот континент. Вака во сублимиран заклучок домашните експерти ги толкуваат чекорите на македонската Влада со која таа се одлучи да ја поддржи резолуцијата на САД наместо европската, која пак не доби поддршка од Генералното собрание на ОН во оригиналната форма. Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, коментирајќи ги за „Слободен печат“ последните состојби кои се случуваат во светот што се однесуваат на разни институции, вклучувајќи и во ООН, но и воопшто целата трансформација на меѓународните односи, вели дека тоа е резултат на еден подолг процес кој се изразува последните 20 години во смисла дека се појавија елементи на глобализација, коишто освен придобивките доведоа и до одредени нееднаквости и слабости.

– Сега кога во Европа имаме во полн ек војна, по дифолт требаше да одиме во смисла дека треба да се осуди Русија и што е во ред ако се земе предвид нашата позиција како земја членка на НАТО, кој предвидуваше и испраќање на сили во Украина и сл. Сепак, со доаѓањето на Трамп се забрза геополитиката и нејзината непредвидливост. Сега, имаме нов процес кој бара редефинирање на Западот и на малите држави кои не се во ЕУ и НАТО. Во таа смисла Северна Македонија како малечка држава се најде меѓу чеканот и наковалната бидејќи мораше да направи нешто затоа што спонзорирала резолуција којашто од една страна не ги споменува териториите кои се окупирани од Русија, додека европската резолуција го споменува враќањето на украинската територија. Но, за дел од аналитичарите, европската значеше продолжување на војната, а другите американската ја гледаа како мировна – оценува Ружин.Според дипломатот со искуство, иако македонската дипломатија е парадоксална во повеќe наврати, земјава треба да балансира истовремено да не ѝ се налутат ниту Европејците, но ниту Американците.– Не ѝ вртиме грб на Украина. Напротив, тоа е така бидејќи во денешните вести во светот никој не зборува за војната туку сите зборуваат за мирот во Украина. Затоа никој не може да каже или не обвини дека ние како мала земја притисната од сите страни сме ѝ свртеле грб на Украина со резолуцијата – додава Ружин.

Долгогодишниот дипломат Драган Јањатов – Во време кога Европа гледа да се дистанцира од влијанието на САД, а Македонија станува коспонзор на една политика која можеби на прв поглед е утопистичка, сигурно ќе придонесе до нарушување на нашите односи со Брисел. Иако чекорот нема да донесе ништо брзо добро за Македонија, во земјава мораше претходно да се создаде институционален консензус по ова прашање, како да се реагира, а не да се донесе одлука врз основа на убедувања на поединци – вели Јањатов. Поранешниот амбасадор е со став дека меѓународната политика на една земја не смеат да ја водат поединци, туку треба да ја води институција. – Не се води вака меѓународна политика, треба консензус по секое прашање. Треба да се донесе решение на институционално ниво, не може ниту Бујар Османи ниту Христијан Мицкоски да решава што ќе се прави за државата кога станува збор за нејзиниот меѓународен углед – заклучува Јањатов. Инаку, на третата годишнина од руската инвазија на Украина, САД не успеаја да добијат одобрување од Генералното собрание на ОН за својата резолуција со која се повикува на крај на војната без споменување на руската агресија. Наместо тоа, Собранието ја усвои украинската резолуција поддржана од Европа, каде што се бара Русија веднаш да се повлече од Украина. За европската резолуција, САД гласаа „против“. Ова претставува неуспех за администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во 193-членото светско тело, чии резолуции не се правно обврзувачки, но служат како мерило за светското јавно мислење. Сепак, тоа исто така покажува намалена поддршка за Украина, чија резолуција беше усвоена со 93 гласа „за“, 18 „против“ и 65 воздржани. Ова е помалку од претходните гласања, кога повеќе од 140 земји ја осудија руската агресија.