Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) овој месец почнува со целосна дигитална трансформација, најави денес ректорката на првиот и најголем државен универзитет, Биљана Ангелова. Според неа, најпрво ќе се дигитализираат сите студентски сервиси, при што основните сервиси се очекува да бидат целосно завршени пред почетокот на учебната 2025/2026 година, а целиот процес да биде заокружен со воведувањето на електронски индекс.
„Ова е процес што ќе трае. Мојата претпоставка е дека во текот на една година или година и половина, овој процес може да се заокружи, но УКИМ влегува во овој процес и тоа е наш приоритет“, изјави денес Ангелова од научната конференција „Новите предизвици во високото образование и синдикалното движење“. Ректорката на УКИМ кажа дека втор приоритет на кој се работи е квалитетот на наставата и на истражувањата. „Двата процеса се клучни. Целиот фокус во наредниот период ќе биде на тие две работи. Очекуваме дека од дигитализацијата и од подобрувањето на управувањето со квалитетот ќе имаме и подобрување на рангот на самиот универзитет“, кажа Ангелова. Во врска со големиот број студиски програми на факултетите на УКИМ, ректорката рече дека нивното кратење е поврзано со процесот на акредитација и ќе зависи од одредбите во новиот закон за високо образование. Очекува дека со него ќе се врати модуларноста на студиските програми што, како што додаде, „само по себе подразбира дека ќе имаме помал број на студиски програми“.
„Ние сега сè уште работиме по старото законско решение од 2018 година. Токму и тоа предвидува расчленување на студиските програми на поголем број, зависно од тоа дали се тригодишни, четиригодишни, едногодишни, двегодишни – на втор циклус итн. Очекуваме дека со новиот закон ќе можеме да ги компримираме и со самото тоа да се стегне и да се намали бројот на студиските програми и да бидеме поефикасни. И секако, акредитираните студиски програми, тоа е прашање на акредитација, потребно е да заврши тој период и потоа да се утврди ефикасноста на постојните студиски програми“, рече Ангелова.