Судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ доби нов тек, откако бизнисменот Ардијан Амзоски, сопственик на компанијата „Дрим билдинг“, се откажа од кривичниот прогон против Бојан Јовановски-Боки 13, како и од оштетното побарување кое претходно го имаше. Амзоски во своето сведочење изјави дека во проектот влегол поради довербата што ја имал во Фросина Ременски и во Александар Кирацовски, нагласувајќи дека според него, Јовановски не е виновен. Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој го застапува Јовановски, за порталот Скопје1 потврди дека неговиот клиент и Амзоски склучиле спогодба.
– На последната главна расправа, Ардијан Амзоски сведочеше за неговите контакти со Бојан Јовановски и посочи дека во проектите влегол врз основа на уверувањата на Фросина Ременски и Александар Кирацовски, кои биле присутни на средбите и го уверувале во успехот на проектот. Тој истакна дека никогаш немало да соработува со Јовановски, доколку не бил убеден од нив. Се откажа од оштетното побарување и од кривичниот прогон, бидејќи со Јовановски постигнал договор за враќање на средствата, кој веќе делумно се реализира – изјави Туфегџиќ.
Амзоски и во претходното сведочење пред Кривичниот суд посочи дека на состаноците, покрај него, Јовановски и Јасна Мандиќ, присуствувала и Фросина Ременски, која подоцна беше ослободена од вина, како и Александар Кирацовски, кој го убедувал дека проектот ќе биде успешен. Во рамки на договорената соработка, Амзоски дал 350.000 евра во готово за проектот поврзан со изградба на европски центри за возрасни лица, кој на крајот не бил реализиран. Според договорот, обврска на инвеститорите била изградбата на комплексот, додека претставниците на „Меѓународен сојуз“ требало да обезбедат државно земјиште по цена од 1,5 до 1,8 евра за квадратен метар, како и ослободување од плаќање комуналии и градежна дозвола.
Пресудата за „Меѓународен сојуз“, со која претходно Бојан Јовановски беше осуден, беше укината, а судењето започна одново. Се презентираат нови докази, при што Јовановски и останатите обвинети настојуваат да ја докажат својата невиност, додека Обвинителството не се откажува од кривичниот прогон. Дејствијата кои првично ѝ беа припишувани на Фросина Ременски, која беше ослободена од вина, сега му се ставаат на товар на Јовановски.