Ватикан денеска ги повика светските влади внимателно да го следат развојот на вештачката интелигенција (ВИ), предупредувајќи дека технологијата содржи „сенка на злото“ поради нејзината способност да шири дезинформации, јави Католичката новинска агенција (ЦНА).
„Лажните медиумски содржини генерирани од вештачката интелигенција можат постепено да ги поткопаат темелите на општеството“, се вели во новиот документ за етика на вештачката интелигенција напишан од два оддели на Ватикан и одобрен од папата Франциско.
Во документот се посочува дека оваа област бара внимателна регулација бидејќи дезинформациите, особено преку медиумите контролирани или под влијание на вештачката интелигенција, може ненамерно да се шират и да поттикнат политичка поларизација и социјални немири. Папата Франциско, кој е на чело на Католичката црква со 1,4 милијарди верници од 2013 година, во последните години се фокусираше на етичките прашања на вештачката интелигенција, пишува Ројтерс. Тој испрати порака за технологијата до Светскиот економски форум во Давос минатата недела, предупредувајќи ги политичките и економските лидери дека вештачката интелигенција покрена „критична загриженост“ за иднината на човештвото. Папата зборуваше и за технологијата на самитот на Г7 во Италија во јуни 2024 година, велејќи дека луѓето не треба да дозволат „алгоритмите да одлучуваат за нивната судбина“