Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска се обрати на тркалезната маса насловена „Овластување на промената: Разбирање на Реформската агенда и нејзината улога во иднината на Северна Македонија“, што се одржа во Владата на Република Северна Македонија. Во своето излагање, министерот Муртезани ја нагласи суштината на Реформската агенда 2024–2027 како инструмент за градење поправедно, потранспарентно и поодржливо општество, не само како чекор кон приближување кон Европската Унија, туку како одговор на реалните потреби на граѓаните.„Реформската агенда не е само документ. Таа е концептуална рамка за редефинирање на институционалната логика на државата како и начин да се премостат системските празнини меѓу законот и правдата, меѓу политиката и јавниот интерес, меѓу економските политики и човечкиот развој.“ – истакна во своето обраќање министерот Муртезани
Во продолжение ви го праќаме интегралното обраќање на министерот Муртезани: Секој реформски процес почнува со еден чекор, но пред сè со разбирање. Разбирање за причините, за потребите, за последиците. Без вистинско разбирање, промената останува на хартија. А без промена, иднината не добива форма. Денес сме тука не да го повториме веќе кажаното, туку да го продлабочиме нашето разбирање. Секоја стратегија за општествена трансформација треба да започнува со едно суштинско прашање: дали сме подготвени не само да креираме иднина, туку и длабински да ја разбереме нејзината природа? Зашто, без системско разбирање на контекстот во кој дејствуваме, реформите ризикуваат да останат декларативни, наместо да се вкоренат како долгорочни општествени придобивки.
Реформите што ги спроведуваме за периодот 2024–2027 се дел од една поголема слика. Тие не се наменети само за исполнување на барањата на Европската комисија. Тие се наменети за секој граѓанин кој сака пристапна едукација, ефикасна администрација, чист воздух, фер правда и вреден труд. Реформската агенда е повеќе од програмски документ. Таа е концептуална рамка за редефинирање на институционалната логика на државата, начин да се премостат системските празнини меѓу законот и правдата, меѓу политиката и јавниот интерес, меѓу економските политики и човечкиот развој. За таа цел, Агендата ги опфаќа најважните приоритети: владеење на правото, дигитална трансформација, зелена транзиција, јакнење на човечкиот капитал и добро управување. Но, вистинската суштина лежи во тоа како овие зборови стануваат реалност. Почнавме со конкретни чекори: нови закони за буџетска транспарентност, имплементација на системи за внатрешна контрола, оперативни планови за енергетска транзиција, реформирање на стручното образование. Сето тоа не е наменето само за бројки во извештаи, туку за да овозможи подобро утре за младите што денес седат меѓу нас.
Медиумите и граѓанските организации имаат посебна, извонредно важна улога: да градат мост меѓу институциите и јавноста. Вашата критичност, вашата посветеност на вистината, вашето внимание кон деталите се најсилниот коректив на секоја власт. И во оваа Агенда има простор за вас. Не како набљудувачи, туку како партнери. А младите? Тие не се само иднината. Тие се гласот што треба да биде слушнат денес. За нив, оваа Реформска агенда треба да значи дека нема да мора да заминуваат некаде за да најдат можности. Дека ќе ја градат својата иднина дома, со учество, идејност и визија. Дозволете да го подвлечам следново: иднината не се случува, таа се гради. А во нашето градење, мора да се потпираме врз податоци, правна сигурност, институционална соработка и постојана јавна комуникација. Преку воспоставувањето на нови законски рамки за јавното обвинителство и судските совети, преку воспоставување регионални центри за стручно образование, преку креирање модели за иновативна и зелена економија, ние не градиме „европеизација на хартија“, туку развој што се мери преку доверба, инклузивност и одржливост.
Почитувани присутни, Разбирањето не доаѓа преку говори, туку преку дијалог. Затоа, оваа тркалезна маса е повик за соработка. Да ги препознаеме заедничките предизвици и да ги изградиме решенијата заедно. И нека тоа разбирање биде почетна точка за иднината што ја заслужуваме. Како Министер за европски прашања, јас не ја координирам оваа Агенда сам. Таа е составена, обликувана и спроведувана заедно со институции, со поддршка од ЕУ, но и со гласот на граѓаните. Обврска на Министерството за европски прашања е да обезбедиме експертиза, ефикасност и видливост на Реформската агенда, меѓу останатите редовни активности. Како Министерство за европски прашања, ние остануваме целосно отворени за дијалог, консултација и заедничко дејствување. Имаме обврска да ја претставуваме државата пред ЕУ, но имаме и обврска да ја претставуваме Унијата пред граѓаните, преку вредности, принципи и дела. За крај, ќе кажам едно: иднината не е прашање на одложени одлуки, туку на навремени и одговорни чекори. Таа се обликува денес, преку продлабочено разбирање и заедничка волја. И не само од страна на Владата, туку од секој што верува дека Северна Македонија има капацитет и право на успех.