Во тек се вонредните контроли, а поинтензивно ќе се спроведуваат по Велигден и нема никакво одложување, вели заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески за спроведувањето на законската мерка со која трговците се обврзуваат на своите веб-страници да ги објавуваат цените на производите и секојдневно до 10 часот да ги ажурираат. Според Ристески прво ќе стигнат опомените, а казните за неспроведувањето на мерката која започна вчера да се применува, се од 500 до 10 000 евра. -Како што почна мерката да се применува, така и пазарниот инспекторат има вонредни контроли. Засилени контроли ќе има по Велигденските празници. Казните за сите оние кои нема да ја почитуваат оваа транспарентност преку нивните веб-страници, содржана во Законот за заштита на потрошувачите, се од 500 до 10 000 евра, рече Ристески. Се очекува сите трговци да ја почитуваат мерката и нема никакво одложување, иако имаше одредени барања, особено од аптеките. Можна е средба со нив идната недела.
-Очекуваме сите трговци на мало да ја почитуваат мерката. Мерката стапи во сила од 4 март. Имаше период од 45 дена за приспособување. Мислам дека тој период е доволен. Голем број трговци веќе имаат свои веб-страници, само требаше да воведат ценовници и она што го предвидува Законот. Одлагање нема да има. Знам дека има одредени барања и како што најави Министерот, можеби наредната недела ќе имаме средба со некои од тие здруженија на аптеки, на трговци на мало. Одлагање нема да има, треба да се применува и да се спроведува, во интерес е на заштита на стандардот на граѓаните преку транспарентното објавување на сите цени, односно, граѓаните да може сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена, изјави Ристески. Со оваа и другите мерки се очекува на подолг рок да има заштита на животниот стандард на граѓаните.