– Како што веќе најавивме во саботата, денеска доставивме писмено барање за средба со обвинителите за подетално да ни ја образложат истражната постапка и обвинението. Претходно ја добивме информацијата дека од Обвинителството се подготвени да се сретнат со нас и откако меѓусебно ќе се договориме, ќе доставиме известување за можниот термин на средбата, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син настрада во „Пулс“.
На последниот „Марш за ангелите“ во Кочани, родителите на починатите во трагичниот пожар истакнаа дека не се правници и не го разбрале обвинението против осомничените. Нагласија дека од суштинска важност за нив е Основното јавно обвинителство целосно да ги запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност.
Родителите сметаат дека неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиваат информации преку медиуми или од неофицијални канали, поради што бараат транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Поддршка за следење на целата постапка побараа и од Коалицијата за правично судење и од Транспаренси Македонија.