Државниот секретар на САД МАрко Рубио на средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимо Муцунски во Вашингтон ја нагласи потребата сојузниците на НАТО да поддржат и да постигнат пет проценти од трошоците за одбрана, соопшти Стејт Департментот на САД. На средбата двајцата политичари ја потврдилее извонредната соработка меѓу двете држави, заснована на заеднички вредности, политички интереси и долгогодишно пријателство. Како што соопшти Муцунски, тие разговарале и за можностите за натамошно продлабочување на трговските односи, постигнувајќи значаен исчекор во правец на намалување на тарифите и започнување процес за потпишување Договор за слободна трговија.
„Во оваа насока ја истакнав отвореноста на македонската влада за унапредување на економската соработка, привлекување американски инвестиции и зголемување на присуството на американски компании во нашата земја. Разменивме мислења и за безбедносната соработка во рамки на НАТО, каде што продолжуваме да даваме активен придонес како кредибилен сојузник, со инвестиции над 2% од БДП во одбранбениот сектор. Особено внимание посветивме на регионалната стабилност и развојот на Западен Балкан. Изразив благодарност за постојаната поддршка од страна на САД, со уверување дека стратешкото партнерство ќе продолжи да се развива со уште поголема динамика и конкретни резултати, на билатерално, регионално и глобално ниво“ напиша Муцунски на Фејсбук.