Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот на Трамп Илон Маск се судрија со полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, велејќи му дека треба да биде тивок и благодарен што Русија не е на границите на Полска. Во објавата на X, повикувајќи на мирно решавање на војната во Украина, Маск рече дека неговиот систем „Старлинк“ е „рбетот“ на украинската војска. „Старлинк“, кој обезбедува интернет конекција користејќи сателити SpaceX, е од клучно значење за воените операции на Украина, а Маск тврди дека украинската линија на фронтот би пропаднала без нејзината технологија.
-Буквално го предизвикав Путин на физички „еден на еден“ за Украина, а мојот систем „Старлинк“ е столбот на украинската војска-напиша Маск.
Полскиот министер за надворешни работи Сикорски одговори на тврдењата на Маск со објава на X, посочувајќи дека полското Министерство за дигитализација плаќа околу 50 милиони долари за украинскиот пристап до Starlink, па Полска може да одлучи да ги насочи тие средства на нешто друго.
-Оставајќи ја настрана етиката на заканување на жртвата на агресија, доколку SpaceX се покаже како несигурен давател на услуги, ќе бидеме принудени да се насочиме кон други добавувачи- напиша Сикорски.
Рубио веднаш застана во одбрана на Маск, обвинувајќи го Сикорски дека ги фабрикувал фактите.
-Никој не се закануваше дека ќе го прекине Старлинк за Украина- напиша Рубио, додавајќи: „И кажете благодарам бидејќи без „Старлинк“, Украина одамна ќе ја изгубеше оваа војна и Русите сега ќе беа на границата со Полска“.
Маск му одговори и на Сикорски:
„Нема замена за „Старлинк“.
Потоа додаде:
„Биди тивок, мал човеку. Плаќаш само мал дел од цената“.