Русија соопшти дека министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во вторник ќе разговара со највисоките американски претставници, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, кои ќе се фокусираат на завршување на војната во Украина и обновување на „целиот комплекс“ на односите помеѓу Русија и САД. Како што пренесе „Ројтерс“, Рубио пристигна во саудискиот главен град Ријад во понеделникот на претходно планирано патување. Советникот за национална безбедност на САД, Мајк Волц и пратеникот за Блискиот Исток, Стив Виткоф, кои треба да пристигнат подоцна во понеделник, ќе му се придружат на разговорите со Русите. Разговорите ќе бидат првите на високо ниво меѓу претставници на САД и Русија во последните неколку години, и треба да бидат увертира за најавената средба меѓу американскиот и рускиот претседател.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека Лавров и Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на претседателот Владимир Путин, вo понеделник ќе летаат за главниот град на Саудиска Арабија Ријад. Во вторник се очекува да одржат средба со нивните американски колеги, на која првенствено ќе се фокусира на обновувањето на целиот комплекс на руско-американски односи“, рече Песков. „Тоа ќе биде посветено и на подготовка на можни преговори за украинското решение и организација на средба меѓу двајцата претседатели.“ Песков одби да го коментира извештајот на Ројтерс дека Кирил Дмитриев, шефот на државниот фонд на Русија, исто така ќе се сретне со делегацијата на САД.
Разговорите доаѓаат откако претседателот Доналд Трамп минатата недела телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и им нареди на највисоките функционери да започнат преговори за војната, која тој ветува дека ќе ја заврши. Ријад, кој исто така е вклучен во разговорите со Вашингтон за иднината на Појасот Газа, одигра улога во раните контакти меѓу администрацијата на Трамп, која ја презеде функцијата на 20 јануари, и Москва, помагајќи да се обезбеди размена на затвореници минатата недела. Американскиот дипломат Рубио, кој телефонски разговараше со неговиот руски колега, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во саботата, во неделата рече дека „следните недели и денови ќе одредат дали Путин е сериозен за постигнување мир“. Во регионот е и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Зеленски, кој пристигна во Обединетите Арапски Емирати во неделата, рече дека има намера да ги посети и Саудиска Арабија и Турција, но не беа утврдени датуми. Тој рече дека не планира да се сретне со руски или со американски официјални лица и се верува дека Украина не е поканета на разговорите во Саудиска Арабија.