На посочената локација, во согласност со ГУП на Град Скопје, е предвидено да се направи кружен тек, оттука бесцелно е поставување ново детско игралиште, велат од Центар. Паркот на новинарите лоциран пред објектот на поранешниот НИП „Нова Македонија“ во еден дел е „сива зона“ за која повеќе од очигледно е дека не се грижи никој. Во близина на неколкуте стари куќи што сè уште егзистираат на овој простор има комплетно уништено детско игралиште. Пред година и пол Општина Центар од паркот ги иссели бездомниците кои тука си имаа направено импровизирано живеалиште и го исчисти просторот. Но, игралиштето досега не е санирано, а во меѓувреме се насобра и ѓубре.

Зелениот простор во овој дел е надлежност на Општина Центар, нивните екипи се грижат за зеленилото и за урбаната опрема во Паркот на новинарите. Но, зошто не го обновуваат детското игралиште или барем да ги соберат искршените реквизити за да не се повреди некој? На посочената локација, во согласност со ГУП на Град Скопје, е предвидено да се направи кружен тек, оттука бесцелно е поставување ново детско игралиште – кусо одговараат од Општина Центар. Станува збор за огромниот турбо кружен тек, кој треба да се гради пред НИП и кој ќе го зафати и постојното зеленило од паркот, а треба да се поврзе со подземната улица на „Лимак“ на едната страна, додека, кон Капиштец треба да се поврзе со нов булевар „Македонија“ што е зацртан во ГУП, но десетина години во неколку мандати на скопски градоначалници се најавува, но не се почнува.

Токму Општина Центар, односно градоначалникот Горан Герасимовски пред неколку месеци се пожали дека Град Скопје трипати им го враќа и не им дава позитивно мислење за проектот за монтажна гаража на Народен фронт, со чија изградба Општината планираше да го реши проблемот со недостигот на паркинг-места во оваа населба. Монтажната гаража во населбата Капиштец, досега требаше да се реализира, но за жал по третпат добиваме негативно мислење за истиот проект. Причина е отпочнување на реализација на булеварот Македонија, оној познат булевар за кој се зборува децении наназад, што ќе почнува од „Лимак“, па да се протега сѐ до Карпош – истакна тогаш градоначалникот Горан Герасимовски. Но сега, кружниот тек е добро оправдување на општинарите околу тоа зошто не се презема ништо со игралиштето.

Градоначалничката Данела Арсовска пред две години говорејќи за подземната улица и нејзиното поврзување посочи дека од едната страна кај Тутунски комбинат треба да има булеварско решение со еден кружен тек, а од страната на „Нова Македонија“ треба да има огромен турбо кружен тек, на нивоа, со чија изведба во централното градско подрачје сообраќајот ќе тече брзо и без застој. Според неа, проблемот за реализација на проектот бил во тоа што до 2022 година ништо не било „мрднато“, а дури потоа почнале да се решаваат имотноправните прашања. Од другата страна, каде што е „Нова Македонија“, проблемот се бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници. Самите бараки не се толку проблем, но тоа внатре што го имаат, опрема и инсталации, е нешто што не треба да прекине – рече Арсовска и притоа потврди дека ќе се урнат и постојните куќи што се наоѓаат на овој простор.

Според неа, откако ќе се пресели компјутерскиот центар, следниот чекор ќе биде објавување тендер за изведувач, затоа што другото, како што тврди, било завршено и биле обезбедени средства за првата и за втората фаза. Кога ќе почне изградбата, Арсовска не кажа, но како што рече, откако ќе почне да се гради, ќе треба минимум две години за да се изгради, особено кружниот тек кај „Нова Македонија“, кој е проект голем како клучката кај Момин Поток, од аспект на инфраструктура, статика и друго. Сега сме веќе 2025 година, поминува уште еден градоначалнички мандат, а од кружниот тек и започнувањето на неговата изградба нема „абер“. Тоа значи дека и Општина Центар и во наредните години нема да преземе ништо да се уреди запуштениот дел од Паркот на новинарите.