Кафеава мечка нападна и тешко повреди Русин во шума на околу 125 километри од Москва, јавуваат локалните медиуми и жителите, додека во регионот околу главниот град се зачестени средбите со мечки. Човекот, кој го преживеа нападот бил во шумата собирајќи рогови отфлени од елени минатата недела. Мечката го нападнала одзади, цитира близок роднина на повредениот за една локална веб-страница за вести. – Ѕверот почнал да му го гризе черепот, а потоа го свртел и почнал да го гризе по лицето, рекол роднина на жртвата. „Тој некако се преправал дека е мртов и мечката изгубила интерес за него“, додаде тој.
Руските медиуми јавуваат дека повредениот се јавил на 911 и чекал со часови додека екипите на итната помош пеш го барале во шумата кај селото Јеремејево. Потоа со хеликоптер бил пренесен во болница. Ловот на мечки е дозволен во поголемиот дел од Русија, но е забранет во московскиот регион. Некои Руси одат во шумата за да соберат рогови, чиј пар може да се продаде за до 15.000 рубли (178 долари), што е околу две третини од месечната минимална плата во Русија.