Русија и Украина се согласија да ја „елиминираат употребата на сила“ во Црното Море по паралелните разговори со американските преговарачи во Саудиска Арабија, иако Кремљ рече дека поморскиот прекин на огнот ќе започне само ако добие олеснување на санкциите за извозот на земјоделски производи, јави Гардијан. Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека САД ги разгледуваат руските услови откако Кремљ инсистираше на тоа дека преговарале за отстапки со Белата куќа што ќе го означи првото големо повлекување на санкциите од целосната инвазија во 2022 година. Русија и Украина се согласија да го спроведат и претходно најавениот 30-дневен прекин на нападите врз енергетските мрежи и да го прошират неговиот опсег, но решавањето на основните прашања, меѓу кои и каква било поделба на територијата, останува далеку.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави развојот на настаните, но рече дека Киев не поддржува слабеење на санкциите кон Русија и изрази загриженост поради разговорите што се чини дека САД ги имаат со Русија за поделба на Украина. „Загрижени сме кога зборуваат за нас без нас“, рече Зеленски, одговарајќи на новинарско прашање за коментарите на Трамп од понеделникот, кога американскиот претседател рече „Во моментов зборуваме за територија“. Според извештаите, Русија сака целосна контрола врз три од украинските региони што делумно ги окупира: Доњецк, Запорожје и Херсон. Ваквите тврдења постојано се отфрлаат од Киев, од каде посочуваат дека се подготвени да ја признаат постоечката де факто руска окупација долж преовладувачките линии на контрола. Русија рече дека поморскиот прекин на огнот ќе стапи на сила само по укинувањето на ограничувањата на санкциите за Руската земјоделска банка и другите финансиски институции вклучени во меѓународната трговија со храна, и дури откако тие повторно ќе се поврзат со меѓународниот платен систем „Свифт“. Русија, исто така, рече дека сака да се укинат ограничувањата и санкциите за пристанишните услуги за бродовите под руско знаме кои се вклучени во трговијата со прехранбени производи, вклучително и морска храна и вештачки ѓубрива. Извор: Новинска агенција МЕТА