Русија и Украина разменија воени заробеници по најмасовниот руски напад со дронови од почетокот на војната, извршен пред два дена.Според украинските воздухопловни сили, Русија истрелала 479 дронови и 20 ракети од различни типови кон централните и западните делови на Украина. Од нив, 277 дронови и 19 ракети биле пресретнати и уништени, а само 10 погодиле цели, при што едно лице било повредено.
Ескалацијата на воздушните напади доаѓа во време на засилен руски притисок на бојното поле долж 1000-километровата линија на фронтот во источна и североисточна Украина.Претседателот Володимир Зеленски изјави дека ситуацијата во некои од овие области е „многу тешка“, без да даде детали.Украина се соочува со недостиг на војници и потреба од поголема западна воена поддршка, особено за противвоздушна одбрана, но неизвесноста околу политиката на САД предизвикува загриженост за идната помош.
И покрај неуспехот во преговорите за прекин на огнот, двете страни разменија групи воени заробеници, вклучувајќи ранети војници и млади под 25 години. Зеленски и руското Министерство на одбраната потврдија дека размената е дел од етапен процес кој ќе продолжи во наредните денови, без да прецизираат бројки.„Процесот е сложен, со многу чувствителни детали, а преговорите се водат речиси секој ден“, нагласи Зеленски.
Русија истрела рекордни 479 дронови кон Украина
Рускиот преговарач Владимир Медински потврди дека Русија започнала враќање на своите заробени војници во рамките на истанбулските договори.„Некои се млади, но не се прекршиле и издржале до крај. Русија не ги напушта своите“, напиша тој на Телеграм, ветувајќи продолжување на напорите за ослободување на заробениците.Украина неодамна изведе значајни контранапади, вклучувајќи го нападот со дронови на 1 јуни врз руски воени бази, меѓу кои и аеродромот Саваслејка во Нижни Новгород, на 650 км од украинската граница.
Украинскиот Генералштаб тврди дека биле погодени два руски борбени авиони, но руските власти не го коментираа нападот, а некои руски воени блогери тврдат дека авионите не биле оштетени. Од друга страна, руското Министерство на одбраната изјави дека нападите, вклучувајќи го оној врз украинската база во Дубно, се одговор на украинските напади врз руски аеродроми каде се наоѓале стратешки бомбардери.
Извор: slobodnaevropa.mk