По повод 80-годишнината од победата над фашизмот, Амбасадата на Руската федерација во Македониjа вечерва во Музејот на Град Скопје организираше историско-документарна изложба насловена „Патот кон Големата Победа“, на која се претставени историски записи и архивски фотографии, како и мноштво други историски материјали обезбедени во соработка со Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка борба од Прилеп и македонскиот Државен архив, пренесе „Нова Македонија“. Изложбата, која е составена од повеќе од 130 фотографии, претставува детална визуелна хроника на настаните од Големата Татковинска војна од 1941–1945 година и ќе биде отворена до 13 мај.
На свеченото отворање, за важноста на големата победа над фашизмот и за изложбата, зборуваше рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин. – Со оваа изложба ние оддаваме почит и длабоко почитување на беспримерна храброст, самопожртвуваност и духовна сила на советските војници и целиот советски народ, кои не само што ја одбранија својата татковина од фашистичката инвазија, туку дадоа и одлучувачки придонес во ослободувањето на многу европски земји – рече Баздникин. Рускиот амбасадор посебно се осврна на учеството на македонскиот народ во антифашистичката борба: „Се поклонуваме пред храброста на македонскиот народ, на партизаните – хероите на Народноослободителната борба во Македонија за време на Втората светска војна, кои бестрашно се спротивставиjа на ужасната закана од фашизмот, и затоа се одлучивме да вклучиме фотографии што го илустрираат нивниот борбен пат – рамо до рамо со руските војници“, рече тој. Денот на победата над фашизмот ќе биде одбележан и на 8 мај, на улицата „9 Мај“ во Скопје во 12 часот, каде ќе биде организирано полагање цвеќе.