Рускиот генерал-мајор Иван Попов, со прекар Спартак, одликуван и високо истакнат поранешен командант на 58-та комбинирана армија на Вооружените сили на Руската Федерација, кој бил отпуштен, уапсен и притворен пред две години за остро критикување на Министерството за одбрана, повторно се враќа на бојното место. Но, според руските државни медиуми, Попов всушност добил “отровен пехар” – тој ќе биде командант на озлогласениот баталјон на поранешни затвореници кои претрпеле огромни загуби во Украина, што е една од главните улоги на осудените руски војници – имено, да служи во “напади со месо”, односно како “топовско месо”, како што често претходно било објавено од страна на независните руски и западни медиуми.
Пред две години, Попов добил пофалби за неговото лидерство, но потоа, според Си-Ен-Ен, направил фатална грешка – испратил гласовна порака до колегите во која го критикувал и осудувал раководството на Министерството за одбрана и изјавил дека бил отпуштен поради неговите жалби. “Вооружените сили на Украина не можеа да ја пробијат нашата армија од фронтот, (но) нашиот постар командант подмолно и подло ја обезглави армијата во најтешкиот и напнат момент”, рече Попов во порака испратена во јули 2023 година. Поголемиот дел од неговиот гнев бил насочен кон началникот на Генералштабот на руската армија, генералот Валериј Герасимов. Попов изјавил дека кога се пожалил за недостаток на артилериска поддршка и други проблеми, “високите команданти препознаа опасност во мене и брзо, во еден ден, формираа наредба до министерот за одбрана, ме отстранија од синџирот на команда и се ослободија од мене”.