Во 2024 година, Европа беше сцена на повеќе од 40 руски разузнавачки операции – нагло зголемување во споредба со 2021 година, пред инвазијата врз Украина. Но, што се крие зад тоа? Кои се целите на Москва?Саботажи на испораките на западно оружје во Украина, проруска пропаганда, па дури и убиства: листата на руски разузнавачки операции во Европа станува сè подолга. Од почетокот на агресорската војна против Украина во февруари 2022 година, бројот на регистрирани случаи континуирано се зголемува, се наведува во студијата на Холандскиот универзитет во Лајден.
Барт Шурман, раководителот на студијата, го разбира истражувањето на својот тим како „повик за будење“ за европската политика. Овој експерт за безбедност ја предводи истражувачката група за тероризам и политичко насилство на Универзитетот во Лајден.
Терористички напади врз авијацијата
Русија не е одговорна само за „значителна штета на европската енергетска и телекомуникациска инфраструктура“, туку и за „терористички напади врз цивилното воздухопловство и закани за јавните комунални компании, кои би можеле да загрозат илјадници луѓе“, вели Шурман.
Подметнувањето пожар во контејнер за воздушен товар на германската логистичка компанија ДХЛ, непосредно пред да биде натоварен во авионот, покажува дека наводните руски организатори прифаќаат и жртви. Русија, како и за време на Студената војна, го користи целиот арсенал на разузнавачки мерки, вели Герхард Конрад, поранешен агент на Германската федерална разузнавачка служба (БНД), во интервју за ДВ.Станува збор за „вознемирување на населението“, како и за „шпионски активности против воено релевантни цели, односно од индустријата за оружје до локациите на Бундесверот“, вели Конрад.
Нов квалитет: Регрутирање „агенти за еднократна употреба“
Денес, поранешниот разузнавач е член на одборот на здружението „Круг за разговор на разузнавачките служби во Германија“. Организираните поранешни агенти таму можат да зборуваат поотворено од професионалците во службата.
Ново е регрутирањето на таканаречени „агенти за еднократна употреба“, вели Конрад. Често станува збор за проруски симпатизери кои се регрутираат за пари во земјите од ЕУ со цел да предизвикаат немири. Доколку се откријат таквите соработници, штетата за руските разузнавачки служби е мала.Во Германија, пред изборите за националниот парламент, Бундестагот, овие герилски акции на саботери стануваа сè попознати. Но, и за шпионирање на воени локации со беспилотни летала, Русија сега регрутира такви хоби шпиони.
Зголемена закана од Русија уште од 2014 година
Растечката закана од Русија не е забележлива „само од 2022 година“, вели поранешниот агент Конрад, „туку најдоцна од 2014 година“. Тогаш Русија, по проевропската револуција Мајдан, го анектираше украинскиот полуостров Крим и испрати војници во регионот Донбас во источна Украина.На луѓето во Европа мора да им биде јасно дека заканата од Русија нема да исчезне утре, убеден е поранешниот соработник на БНД, Конрад. Германија и Европа мора да се подготват за долгорочна „одбрана од хибридни закани“. Земјите од ЕУ не само што мораат воено да се вооружат, туку и да ги зајакнат своите разузнавачки служби.
„За тоа се потребни многу персонал, многу технички способности, како и правни способности, за рано да се препознаат овие структури, овие структури на напад“, објаснува Конрад.Ова е единствениот начин рано да се препознаат хибридните напади на Русија.Извор: Дојче веле/ Автор: Франк Хофман