Руски напад со беспилотно летало оштети станбени згради во вториот по големина град во Украина, Харков, при што 19 лица се повредени. Во напад врз градот Прилука во северна Украина, пак, загинаа најмалку пет лица, меѓу кои и едногодишно дете.Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека нападите, што се случиле околу еден часот рано наутро, оштетиле седум станбени згради.
Терехов рече дека едно беспилотно летало удрило во 17-ти кат од една зграда. Срушени се неколку куќи, а пожари се гасат на неколку локации.
Гувернерот на Черниговската област, Вјачеслав Чаус, изјави дека во нападот биле користени најмалку шест дронови „шахед-136“ од иранско производство.
Во меѓувреме, руските власти кои го окупираат јужниот дел на Украина пријавија масовен прекин на електричната енергија по бран украински напади со дронови.
Седум окрузи во регионот Херсон доцна синоќа беа без струја, соопшти на Телеграм гувернерот на регионот назначен од Москва, Владимир Салдо.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера откри детали од телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.Посочи дека Путин решително му рекол оти Русија ќе мора да одговори на неодамнешниот украински напад на аеродромите.Втората рунда мировни преговори меѓу Русија и Украина се одржа на 2 јуни во Истанбул, каде на украинската делегација ѝ беше предаден рускиот меморандум за ставање крај на војната.
Во него, како што пренесоа светските медиуми, е посочено дека пред да прифати сеопфатен прекин на огнот Русија бара Украина прво да ја повлече својата војска од четирите региони што ги анектираше Москва и кои ги смета за дел од руската територија.На преговорите им претходеше голем украински напад со беспилотни летала врз руските воздухопловни сили и стратешките бомбардери.