Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека е „незамисливо“ Русија да го надмине западниот воен сојуз во областа на военото производство, пренесува ДПА и потсетува дека НАТО се подготвува официјално да објави голем скок во средствата за одбрана.„Мораме да направиме повеќе. Едноставно е незамисливо Русија, чија економија е 25 пати помала од онаа на НАТО, да нè престигне во производство и вооружување“, рече шефот на НАТО во пресрет на важниот самит во Хаг.
Треба да трошиме повеќе за да спречиме војна. Треба да ја добиеме оваа нова војна во производството, нагласи Руте.
Според него, постои целосна посветеност од американскиот претседател Доналд Трамп и високото американско раководство во НАТО, рече Руте на јавен форум пред формалното отворање на самитот, додавајќи, сепак, дека таквата поддршка доаѓа со очекување европските земји и Канада да трошат повеќе за одбрана.
Лидерите на 32-те членки на НАТО се собираат денеска и утре на самит во Хаг, каде што се очекува да потврдат зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година.
Членките на Алијансата неодамна се согласија за нови цели поврзани со зајакнување на одбранбените капацитети, односно најголемото вооружување од Студената војна, со цел да се издржи евентуален напад од Русија. Русија, која е во војна со Украина повеќе од три години, значително го зголеми военото производство, што ги зголемува стравувањата дека за неколку години може да одлучи да нападне територија на НАТО.