На прес-конференција ден пред самитот на НАТО, Руте рече дека сите членки на алијансата ќе ја исполнат целта оваа година да потрошат два отсто од БДП за одбрана, иако на почетокот на 2025 година „седум или осум сојузници“ не го достигнале тоа ниво.
„Значи, постигнавме клучен напредок во последните пет, шест месеци. Новиот инвестициски план во одбраната, за кој сојузниците ќе се договорат на самитот во Хаг, воведува нова основа: ќе инвестираме пет отсто од БДП во одбраната. Тоа е квантен скок кој е амбициозен, историски и фундаментален за обезбедување на нашата иднина“, рече Руте.
Тој истакна дека Шпанија, која се спротивстави на зголемувањето на трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, не е изземена од таа обврска.
„НАТО нема клаузула за откажување“, рече Руте за позицијата на Шпанија за обврската да издвои пет проценти од БДП, на што инсистира американскиот претседател Доналд Трамп.
Европските членки на НАТО придонесуваат со само 30 отсто од вкупните трошоци за одбрана на алијансата. Некои европски земји, како Полска, Естонија и Литванија, веќе ги зголемија трошоците за одбрана на пет отсто од БДП, додека Шпанија заостанува со помалку од два отсто.Руте, исто така, рече дека самитот во Хаг ќе се одржи „во вистински историски момент, со значајни и растечки безбедносни предизвици“ за НАТО.
„Како што светот станува поопасен, сојузничките лидери ќе донесат храбри одлуки за зајакнување на нашата колективна одбрана, што ќе го направи НАТО посилен, поправеден и поубиствен сојуз“, рече Руте.
Руте рече дека глобалната безбедносна ситуација „драматично се променила“ во последните години, по руската окупација на Крим во 2014 година, а особено од 2022 година, кога Русија започна целосна инвазија на Украина.
Тој додаде дека затоа членките на алијансата треба да постигнат значително повисоко ниво на трошоци за одбрана отколку што тоа го прават сега, за сите тие да можат да ја бранат својата територија во случај на напад.
„Истовремено, Русија работи заедно со Северна Кореја, Кина и Иран. Кина, исто така, брзо ги зајакнува своите вооружени сили на нивоа што досега не биле видени. Безбедносната ситуација драматично се промени, поради што овој самит е важен – сојузниците мора да бидат способни за одбрана.
Руте, исто така, рече дека „пет од осум земји од Западен Балкан се во НАТО“, дека има мисија на КФОР на Косово и дека алијансата во Босна и Херцеговина тесно соработува со мисијата ЕУФОР.
„Во постојан дијалог сум со претседателот на Србија Александар Вучиќ, се знаеме долго време, блиски пријатели сме, но не секогаш се согласуваме. И важно е да продолжиме со тој разговор“, рече Руте.
Генералниот секретар на НАТО, исто така, рече дека Русија останува „најголемата и најдиректна закана“ со која се соочува Алијансата.
“Москва ја продолжува војната против Украина со поддршка на Северна Кореја, Иран, Кина и Белорусија. Мораме да продолжиме да и даваме на Украина она што и е потребно за да се одбрани и да ги одбие идните напади. Нашата поддршка за Украина е непоколеблива и нема да ја напуштиме”, рече Руте.
Тој рече дека наместо најавените 20 милијарди евра, сојузниците ќе обезбедат повеќе од 35 милијарди евра дополнителна безбедносна помош за Украина за следната година.
Руте, исто така, рече дека Иран „не смее да развива нуклеарно оружје“.
„Кога станува збор за позицијата на НАТО за иранската нуклеарна програма, сојузниците одамна се согласија дека Иран не смее да развива нуклеарно оружје. Мојот најголем страв е дека Иран поседува и може да користи и распореди нуклеарно оружје за да ја консолидира контролата над Израел, целиот регион и другите делови од светот“, рече Руте.
Тој ги отфрли обвинувањата дека американското бомбардирање на иранските нуклеарни постројки на 22 јуни е спротивно на меѓународното право.