Охридските хотелиери и угостители велат дека цените во однос на лани се малку повисоки, но тоа зависи од зголемените трошоци за намирниците кои се користат и цената на работната рака која е зголемена годинава.И годинава македонските туристи кои го минуваат одморот во Охрид се жалат дека треба да платат европски цени за храната, а уште пошироко треба да го одврзат ќесето ако сакаат да поминат неколку дена во хотел или во некоја вила.
За разлика од нив, странците не гледаат разлика во цените од оние во другите европски туристички капацитети, но имаат пофалби за тоа што го гледаат во Охрид.
Деновиве и заменик министерот за економија Марјан Ристески ги посоветува угостителите и хотелиерите во Охрид дека треба да имаат понормални цени за да имаат повеќе гости.
– Три евра е висока цена за македонските туристи. Високите цени некогаш ги одвраќаат туритите. Тука треба да внимаваат и самите угостителите да имаат пригодни цени. Доколку имаат пониски цени ќе имаат поуспешна туристичка сезона. Тоа нека биде апел до угостителите и до хотелиерите во Општина Охрид – рече Ристески.
Охридските хотелиери и угостители велат дека цените во однос на лани се малку повисоки, но тоа зависи од зголемените трошоци за намирниците кои се користат и цената на работната рака која е зголемена годинава.Деновиве, поради почетокот на главната туристичка сезона, тешко може да се разговара со одговорните во хотелите или во рестораните, но според она што може да се види на странците за букирање цените на сместување во периодот до 15 јули се движат од 90 до 170 евра по лице во хотелите и во апартманите.
Приватното смесување во куќи, пак, се движи од 1.537 денари до 2.248 денари зависно од местоположбата и не се многу повисоки од претходните години.
Граѓани кои деновиве се во Охрид велат дека плаќаат 3 евра за кафе, за салата 10 евра, а за рижото 15 евра. И сладоледот велат чини до 2 евра топка. Просечната цена на пицата е 8 евра, најевтиниот коктел чини 6,5 евра.
– Разбирам дека е туристичко место и тие живеат од она што ќе го заработат летово, но скапо е. Кафето чини и до 170 денари зависно во кој ресторан го пиете, а пицата оди и до 500 денари. Топка сладолед може да ве чини и 120 денари. Мислев дека на зелениот пазар е поевтино, но и таму 1 килограм охридската цреша е околу 300 денари, а скапо е и другото овошје и зеленчук – вели Надица А. од Скопје.
За разлика од домашните туристи, странците велат дека Охрид има цени еднакви на европските, но има што да покаже и затоа се дојдени тука.
– Ние имаме потекло од Македонија и живееме во Белград. Годинава сме во Охрид, не дека мислиме оти е поевтино од Грција, Хрватка или од Црна Гора. Цените се тука некаде, но се одлучивме за Охрид затоа што сакаме на нашите деца да им го покажеме овој преубав град, да се запознаат со историјата со она што Македонија може да му го покаже на светот. Не знам дали е поскапо од лани, но мислам дека и ако се плати повеќе вреди да се престојува во овој град. За разлика од море тука климата е посвежа, а престојот попријатен. Бидејќи по вокација сум сликар одморот ќе го искористам и да добијам повеќе инспирација од овој историски град – ни изјави српски турист.
Сопствениците на ресторани од Охрид со коишто разговаравме тврдат дека цените не им се повисоки од лани, но признаваат намирниците кои ги користат се поскапи и тоа доведува до повисоката крајна цена.Според објавените мениа на дел од попознатите ресторани во Охрид цените на кафето почнуваат од 120 денари за еспресо до 160 денари за капучиното. Турското и макијатото имаат иста цена од 140 денари, а американото се наплаќа 120 денари.
Природните сокови се поскапи: лимонада е 150, цеден портокал 200 денари. Сендвичите се движат од 340 до 480 денари. Омлет чини 360 денари.
Салатите се движат од 250 до околу 400 денари, а пастрмката зависно како е подготвена се наплаќа од 550 па нагоре. Килограм печена пасртмка се движи од 1.600 до 3.850 денари.
Крап (пржен или на скара) чини 2.150 ден за 1 килограм, додека 300 грама плашица чини 450 денари.
Пицата чини од 210 до 270 денари зависно од тоа што содржи.
За споредба, според ценовниците за дел од скопските ресторани, просечната цена на цеден сок од лимон или портокал чини 200 денари, на еспресото е 80 денари, макијатото 90 до 100 денари, македонско кафе 70 денари, а на капучиното 120 денари. Топка сладолед чини 150 денари.
Килограм пастрмка чини 1.100 денари, а просечната цена на Цезар салата е околу 350 денари.
Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика цените во угостителството во мај во однос на истиот период лани се зголемени за 4,5 отсто. Притоа цената на храната пораснала за 7,3%, алкохолните пијалаци за 6,9 %, а безалкохолните за 7,9%. Цените на ноќевањата се намалиле за 6,6%.
Дали имало зголемување на цените во јуни и јули допрва ќе се види.