Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека сè уште нема напредок во договорите за новиот руски амбасадор во САД, кој треба да биде потврден од САД.
„Нема напредок со договорот. Во режим на чекање сме. Времето истекува. И секако, сè уште не сме во зоната на аларм во однос на времетраењето на овој период на чекање, но постепено се приближуваме, затоа би сакале да слушнеме сигнал од Вашингтон за позитивна одлука“, рече Рјабков за руската агенција ТАСС.
Тој нагласи дека без амбасадор, ниту една дипломатска мисија не функционира толку ефикасно како што треба, особено на место како главниот град на САД.
„На почетокот на новата администрација, мислам дека и американската страна е заинтересирана за нормализирање на сите механизми на меѓудржавна комуникација. Затоа, ве повикуваме да посветите соодветно внимание на ова прашање“, додаде тој.
Руските медиуми на крајот на ноември минатата година објавија дека Александар Дарчиев, директор на Северноамериканскиот оддел на руското Министерство за надворешни работи, би можел да стане нов руски амбасадор во САД и да го замени Анатолиј Антонов, кој се врати во Москва и беше сменет од функцијата. Од руското Министерство за надворешни работи за ТАСС изјавија дека одамна одлучиле за кандидат за шеф на дипломатската мисија во САД, „но дека нема јавно да ги коментираат овие информации“. Назначувањето на амбасадор во САД во блиска иднина го најави и портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, пренесува Танјуг.