Украинскиот претседател Володимир Зеленски не е подготвен да прифати договор за експлоатација на минерални суровини со Соединетите држави бидејќи Украина гледа „голем број проблематични прашања“ во нацрт-договорот, изјави украински извор. Иако Доналд Трамп тврдеше дека договорот е блиску, извор запознаен со преговорите за Sky News изјави дека украинскиот претседател се уште не е подготвен да го потпише договорот. Американската страна бара Украина да се согласи на американскиот пристап до природните ресурси на земјата во замена за воена помош. Украински извор наведува: „Договорот се уште не е подготвен за потпишување, има голем број проблематични прашања, а во сегашната форма претседателот не е подготвен да го прифати. Нацрт-договорот не одразува партнерски однос, туку содржи исклучиво еднострани обврски за Украина“.
Од друга страна, американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц неделава изјави дека договорот ќе биде склучен. „Поентата е јасна – претседателот Зеленски ќе го потпише овој договор и тоа ќе се случи многу брзо“, рече Валц на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците во Мериленд во петокот. Се верува дека американските преговарачи ја споменале и можноста да се одбие пристапот до клучниот сателитски интернет систем Starlink на Илон Маск доколку Украина не се согласи на договор. Претходно, Доналд Трамп го нарече францускиот претседател Емануел Макрон „пријател“, а британскиот премиер Сер Кир Стармер „пристоен тип“, но тврдеше дека Русија се согласила на преговорите „само поради него“. Овие изјави доаѓаат неколку дена пред пристигнувањето на Макрон и Стармер во Белата куќа, каде што ќе се обидат да се залагаат за украинските интереси, а истовремено да ја задржат американската поддршка. Трамп, исто така, продолжи со критиките кон Зеленски, велејќи дека тој „нема преговарачка потпора“. „Го гледам со години и гледам како преговара без никакви адути. Ги нема. И едноставно ти доаѓа преку глава. Доста ми е од тоа”, изјави во интервју за радио Фокс. Неговите коментари доаѓаат откако тој неодамна го нарече украинскиот претседател „диктатор без избори“, очигледно одговарајќи на изјавата на Зеленски дека Трамп „живее во свет на дезинформации“, откако тврдеше дека Украина ја започнала војната.