Соединетите Американски Држави воведоа санкции насочени кон повеќе од 30 лица и субјекти поврзани со Иран за кои велат дека се дел од мрежа на „банкарството во сенка“ која перела милијарди долари преку глобалниот банкарски систем, соопшти Министерството за финансии на САД. Санкциите, насочени кон иранските граѓани и одредени субјекти во Обединетите Арапски Емирати и Хонг Конг, беа објавени додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да преговара за нов нуклеарен договор со Техеран, објавува Хина. Министерството за финансии соопшти дека најмалку две компании се поврзани со националниот оператор на танкери на Иран.
САД веруваат дека мрежата му помага на Иран да ги финансира своите нуклеарни и ракетни програми и поддржува вооружени групи низ Блискиот Исток. Ова е првата рунда американски санкции насочени кон инфраструктурата на „банкарството во сенка“ откако Трамп повторно воведе „максимален притисок“ врз Иран во февруари, соопшти министерството.
Разговорите меѓу САД и Иран, насочени кон наоѓање решение за деценискиот спор околу нуклеарните амбиции на Иран, се заглавени поради несогласување околу збогатувањето на ураниумот. Министерството објави дека поединци и субјекти поврзани со иранските браќа Мансур, Насер и Фазлолах Зарингалам колективно переле милијарди долари преку меѓународниот финансиски систем. Министерството додава дека браќата управуваат со менувачници во Иран и мрежа од компании-параван во Хонг Конг и Обединетите Арапски Емирати, но не наведува каде се наоѓаат, пренесува АлЏезира Балканс.